Agim Sulaj
13 Јуни 2023•Ажурирај: 14 Јуни 2023
МИТРОВИЦА (АА) - Ситуацијата во Северна Митровица во Косово во моментов е мирна, по приведувањето на еден од организаторите на нападот врз припадниците на Мисијата на НАТО во Косово (КФОР) во рамките на протестите од 26 мај во северниот дел на земјата, пренесува Анадолу.
На северната страна на Бошњачкото Маало, мал број локални Срби се собраа на улицата каде што полицијата ја спроведе акцијата пред неколку часа.
Српските жители се обиделе да го спречат приведувањето и во овој случај, според министерот за внатрешни работи, Џелал Свечла, полесно биле повредени тројца косовски полицајци.
По оваа акција, припадниците на косовската полиција беа повлечени на јужната страна на Бошњачкото Маало по барање на американскиот командант на КФОР за северниот регион, кој раководеше и со ситуацијата во Звечан при неодамнешната ескалација на ситуацијата кога беа нападнати војниците на КФОР.
Косовската полиција во моментов ги запира сите возила на мостот на влезот во Бошњачкото Маало, за да може само пеш да се минува од јужниот до северниот дел на градот.
Исто така, полицијата ги советува новинарите да не одат на север, бидејќи не гарантира безбедност.
Претходно, министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, објави дека на северот на Косово со српско мнозинство е приведен еден од организаторите на нападите врз припадниците на КФОР, Милун Миленковиќ-Луне, за кого рече дека е еден од водачите на криминалната група „Граѓанска одбрана“.
Свечла истакна дека Миленковиќ со години ги тероризирал граѓаните и ги напаѓал припадниците на косовската полиција и институции.
Во четирите северни општини со српско мнозинство во Косово, Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, локалните Срби протестираат од 26 мај, кога почнаа со работа новите албански градоначалници избрани на изборите во април во овие општини.
Локалните Срби не учествуваа на овие избори и сега протестираат против извршувањето на должноста на новите градоначалници во овие општини.
Во текот на денот, на прес-конференција, премиерот на Косово, Албин Курти, зборувајќи за ситуацијата на северот, рече дека испратил писмо-предлог со пет точки за деескалација на ситуацијата до високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, што вклучува одржување нови локални избори како и итно повлекување на насилните групи од северот.