Zylfije Adem Jakupi
29 Декември 2022•Ажурирај: 30 Декември 2022
РУДАРЕ (АА) - Околу 15:00 часот во градот Рударе, кај Звечан, на северниот дел на Косово, започна отстранувањето на камионите што го блокираа главниот пат Митровица - Лепосавиќ, јавува екипата на Агенција Анадолија (АА).
Во моментов камион дигалка управуван од маскирано лице се обидува да премести паркирана цистерна. Три камиони се веќе оддалечени, јави екипата на АА од местото на настанот.
Ова е една од најголемите барикади на патиштата на северниот дел на Косово, со која од 10 декември, 14 камиони, цистерни и автобуси го блокираа главниот пат Митровица - Лепосавиќ. Во изминатите неколку дена десетици локални Срби, како и маскирани лица, деноноќно ја чуваа таа барикада во смени.

Оваа барикада од 14 камиони, цистерни и автобуси, која од 10 декември го блокира главниот пат Митровица - Лепосавиќ, беше една од најголемите барикади. Неа во изминатите денови во смени деноноќно ја чуваа десетици локални Срби, но и маскирани лица.
Екипата на АА денеска на ова место затекна празни шатори и само неколку луѓе. Пред барикадата, од правец на Митровица, беа стационирани три џипа на КФОР.
Косовската полиција претходно денеска соопшти дека е отстранета барикадата на два километри од граничниот премин „Мердаре“ меѓу Косово и Србија, од српска страна, кој по два дена повторно е пуштен во сообраќај.
Отстранувањето на барикадите на Косово започна по синоќешниот повик на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој следуваше по средбата со Србите од Косово, одржана во Рашка.

Вчера директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија при српската Влада, Петар Петковиќ, изјави дека Србија „никогаш не добила посилни гаранции“ од Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), кои го исполнија барањето на косовските Срби да не постојат списоци за апсење или кривично гонење за нивното учество во мирните протести или на барикадите.
Србите повеќе од две недели со тешка машинерија ги блокираат патиштата на северот на Косово, поради апсењето на Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција, осомничен за напад врз функционери на Централната изборна комисија на Косово. Неколку дена подоцна беше уапсен и Слаѓан Трајковиќ, друг поранешен припадник на Косовската полиција, кој е обвинет за терористички акти. На двајцата им е одредена мерка притвор од 30 дена.
Со новата одлука на судот во Приштина, на Пантиќ вчера му беше одреден домашен притвор.