Zylfije Adem Jakupi
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
ПРИШТИНА
Специјалното одделение на Основниот суд во Приштина го прогласи за виновен обвинетиот Горан Станишиќ, кој се товари за кривично дело воено злосторство против цивили во соучество и го осуди на 20 години затвор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Горан Станишиќ со првостепената пресуда е прогласен за виновен според обвинението од 6 февруари 2020 година поради тоа што учествувал во депортација, убиство и насилство врз албанското цивилно население како полициски резервист во соучество. Тој се товари за убиство на 13 албански цивили на 15 и 16 април 1999 година, за време на опсежен и систематски напад од српските воени, парамилитарни и полициски сили врз албанските цивили во селaта Словиње и Трбовце, Општина Липљан.
Станишиќ на 15 април во селото Словиње учествувал во протерувањето на семејството Гаши од нивниот дом, одвојувањето на мажите од жените, при што на жените и децата им било наредено од дворот да излезат на патот, освен на З.Г. и нејзината ќерка Џ.Х., кои останале во дворот. Потоа на ѕидот од дворот ги построиле и ги убиле со автоматско оружје покојниот М.Г., глава на семејството, неговите два сина О.Г. и Е.Г. и неговите двајца внуци А.Г. и Б.Х. во присуство на З.Г. и Џ.Х. Од нив двете потоа било побарано да се оддалечат од дворот.
Исто така на 15 април во селото Словиње, Станишиќ бил соучесник во издвојувањето на шест албански цивили во близина на старо селско училиште од група албански цивили кои претходно биле принудени да ги напуштат своите домови, така што ги построиле на еден ѕид од куќа на српски жител на тоа село и ги убиле со огнено оружје.
Во истото село подоцна во текот на истиот ден во дворот на семејната куќа Брахими пукале во Ф.Г., Б.Б., Ф.Б. и Р.Б. и тогаш сопственикот на куќата Ф.Б. бил убиен, додека Ф.Г., Б.Б. и Р.Б. побегнале во различни правци и така се спасиле.
Станишиќ е прогласен за виновен и за убиство на други цивили во различни ситуации во селото Трбовце на 16 април 1999 година во местото наречено Лугу и Лакраве.
Страните имаат право на жалба против оваа пресуда во Апелациониот суд на Косово. Основниот суд во Приштина објави дека казната ќе се изврши веднаш по правосилноста на оваа пресуда, а дека времето поминато во притвор од 20 јули 2019 година до правосилноста на оваа пресуда ќе биде вклучено во казната.