Eren Beksaç,Lejla Biogradlija
08 Септември 2024•Ажурирај: 09 Септември 2024
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља соопшти дека граничните премини Мердаре и Берњак кон Србија се отворени за сообраќај откако завршила блокадата на патот од спротивната страна, известува Анадолу.
Во објава на својот профил на социјалните мрежи, Свечља наведе дека одлучиле да се отворат за сообраќај граничните премини Мердаре и Берњак откако синоќа завршила акцијата за блокада на патиштата организирана од маскирани екстремисти од српската страна на границата и немало пречки за сообраќајот кој влегува и излегува од граничните премини.
Групата која вчера почна да го блокира сообраќајот во близина на српските гранични премини кон Косово, на социјалните мрежи објави дека ги прекинала своите акции на барање на косовските Срби.
Тврдејќи дека избрале „убав“ начин да ги искажат своите барања, групата соопшти дека дале рок до 1 октомври за исполнување на нивните барања, во спротивно ќе постапат порадикално.
Групата им се извини на косовските Срби кои имале компликации поради акцијата за затворање на патиштата.
Вчера беше започната акција за блокада на патишта на граничните премини од Србија кон Косово, а насобраните на граничните премини порачаа дека нема да го напуштат тоа подрачје додека не се исполнат нивните барања.