Zülfiya Yakup
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во текот на првите шест месеци од 2017 година, во Косово се пронајдени само осум тела на исчезнати лица, чија идентификација е во тек, соопшти владината Комисија за исчезнати лица на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Пренк Ѓетај, потпретседател на Владината комисија за исчезнати лица, по редовниот состанок на комисијата на којшто беше поднесен извештај за работата во првата половина од годината, истакна дека не е задоволен со стореното бидејќи и понатаму за исчезнати се водат 1.658 лица.
„Во неколку истраги не е сторено ништо, а неколку од нив се однесуваат на потврдување на идентитетот. Останува како обврска и приоритет да се продолжи со пронаоѓање на патот и механизмите што можат да помогнат и да го забрзат процесот на расветлување на судбината на изчезнатите лица“, изјави Ѓетај.
Тој нагласи дека во текот на оваа година имало многу активности на регионално ниво, и оти на крајот од јуни во Женева е одржана и конференција за исчезнатите лица во Косово, во организација на Високиот комесаријат на ОН за човекови права и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, на којашто присуствуваа и претставниците на Албанците и на Србите.
„Заклучоците од тој состанок се дека треба да има повеќе транспарентност, дека треба да има поголема поддршка, треба да се отворат архивите не само на две страни доколку ги има, а ние постојано алудираме на српската институционална архива, бидејќи тие дејствуваа систематски, но и архивите на меѓународните институции кои дејствуваа во Косово во периодот по војната, истакна Ѓетај.
Тој изјави дека се бара од силите на НАТО да обезбедат сателитски снимки за можните локации на масовните гробници.
Бајрам Ѓеркини, претставник на Здружението на семејствата на исчезнатите Албанци во Косово, изјави дека семејствата не се задоволни со стореното во процесот на потрага по исчезнатите и оти ниту една локација не е истражена до крај.
„Не можам повеќе да зборувам и да ги прифатам игрите на Србите. Косовските институции треба да ги прекинат сите игри и да кажат: господа вие си играте и не можете да си играте со нас“, изјави Ѓеркини.
Тој ги критикуваше и косовските и меѓународните институции за несериозноста во потрагата по исчезнатите.
Истовремено, Пренк Ѓетај изјави и дека владината комисија за исчезнати лица на Косово добила повик да присуствува на одбележувањето на 22-годишнината од геноцидот во Сребреница, но оти не била во можност да учествува.