Zülfiya Yakup
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
ПРИШТИНА (АА) - Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент, ЛИБЕ, денес ги усвои препораките за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерката за европски интеграции на Косово, Дурата Хоџа, која престојува во Брисел, соопшти дека Комитетот ЛИБЕ ја изгласал визната либерализација за Косово, што е уште еден чекор кон слободното движење на граѓаните на Косово.
„Косово ги исполни сите услови кои се барани и очекуваме дека процесот на донесување на одлуката ќе заврши оваа година, а сега сè е во рацете на институциите на ЕУ. Време е Косово да биде наградено за извршената работа со исполнувањето на сите критериуми, и нашите граѓани слободно да се движат“, изјавила Хоџа, соопштено е од Министерството за европски интеграции на Косово.
Министерката појасни дека по Комитетот, процесот преминува во Европскиот парламент чија седница се очекува кон средината на септември оваа година, а потоа и во Советот на министри на ЕУ.
Европската комисија на 18 јули оваа година потврди дека Косово ги исполнило двата преостанати услови за визна либерализација во врска со ратификацијата на договорот за демаркација на границата со Црна Гора и значителен успех во борбата против криминалот и корупцијата, со што ги задоволило сите критериуми утврдени во Мапата на патот за визна либерализација.
Косово е единствена земја во регионот на Западен Балкан која сè уште има визен режим со ЕУ.