Admir Fazlagic
18 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Ко-претседавачот на Европскиот совет за надворешни односи и поранешен премиер и шеф на дипломатијата на Шведска Карл Билд, кој денеска престојува во посета на Македонија, оствари средби со претставниците на политичките партии во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Билд посетата во Скопје ја започна со средба со претседателот на Социјал демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев, после што изјави дека клучот за решение на секој проблем е во Уставот, којшто постои во секоја демократска земја и треба да се почитува.
„Имате Устав, имаше избори. Устав кој е усогласен со оној на ЕУ, а тоа понекогаш може да претставува проблем, тоа ни е познато", изјави Билд.
Според неговите зборови, има решение и без разлика дали станува збор за Македонија, Грција, Шведска, клучот за решение на проблемот е секогаш во Уставот.
„Македонија е предводена од Македонци, но Македонија сака да биде членка на ЕУ, односно да ги продолжи преговорите и јас лично ја поддржувам во тој процес со години. Тука е секако проблемот со името, но и други проблеми кои треба да се решат. Постојат демократски стандарди кои треба да се почитуваат, ако сакате да бидете дел од ЕУ", истакна Билд.
Според соопштението од СДСМ, Заев и Билд на средбата констатирале дека демократските процеси се неопходни за напредокот на Македонија и оти мора да се овозможат низ почитување на Уставот и законите од страна на сите политички субјекти и институции во државата.
„Парламентарното мнозинство ја презема обврската да го деблокира демократскиот процес во Парламентот согласно Деловникот, Уставот и законите. Ќе биде брзо избран новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска Влада. Тоа е одлука на мнозинството граѓани, изразена на кредибилни избори и сите институции во државата се должни да обезбедат мирен трансфер на власта", рекол Заев на средбата, известија од СДСМ.
Ко-претседавачот на Европскиот совет за надворешни односи Карл Билд денеска се сретна и со претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети. Средбата се одржа во седиштето на ДУИ во тетовска Мала Речица. Во врска со средбата, Билд рече дека дошол да ги слушне и ставовите на ДУИ во врска со политичката состојба во Македонија.
„Дојдов тука за да ги слушнам и овдешните ставови за состојбата. Како што кажав и со мојот исказ на Твитер – демократијата, Уставот и Европа тоа се моите принципи што ме водат и сметам дека и нивното почитување тука ќе ја води Македонија напред", изјави Билд по средбата.
По средбата, претседателот на ДУИ, Ахмети, посочи дека средбата била интересна поради големото искуство на Карл Билд со земјите од западен Балкан и менаџирање на состојбите во Босна и Херцеговина, Косово како и во Македонија.
Инаку, поранешниот премиер и шеф на дипломатијата на Шведска Карл Билд денеска во Скопје дојде да разговара со претставници на политичките партии во врска со политичката криза во Македонија.
Тој имаше средби со претседателот на СДСМ Зоран Заев, а потоа со претседателот на ДУИ Али Ахмети, а најавени се и средби со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на Движењето БЕСА.