Admir Fazlagic
04 Ноември 2017•Ажурирај: 05 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од почетокот на годината досега во обид да ја преминат илегално границата на Република Македонија спречени се најмалку 2854 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако балканската мигрантска рута официјално е затворена во март месец минатата година илегалните обиди за преминување на границите на земјите од Балканот продолжија и сеуште се случуваат за што говорат и статистиките на надлежните институции.
„Во периодот од јануари до септември 2017 година, во обид илегално да ја преминат државната граница , спречени се вкупно 2831 лице", соопштија од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за Anadolu Agency (AA).
Во оваа бројка не влегуваат 23 илегални мигранти коишто полициските службеници на МВР ги фатија во месец октомври во два одделни случаи на граничниот премин „Богородица". На 22 октомври при контрола на возило со бугарски регистарски ознаки беше откриена група од 13 илегални мигранти од Ирак, а ден потоа, на 23 октомври при контрола на возило со македонски регистарски ознаки беа пронајдени 10 мигранти, од кои 7 од Пакистан а 3 од Сирија.
Доколку и овие регистирани случаи на илегални миграции се земат в предвид, на територијата на Република Македонија од почетокот на годината досега се фатени најмалку 2854 мигранти.
- Затворањето на Балканската рута отвори можност за илегални миграции
По затворањето на Балканската мигрантска рута прифатно-транзитните центри во Република Макеоднија се речиси празни.
Од канцеларијата на УНХЦР во Скопје за Anadolu Agency (AA) соопштија дека на територијата на Македонија сега има 38 бегалци, од нив 15 се во прифатно транзитниот центар во Табановце, во близина на македонската северна граница, три лица се во прифатно транзитниот бегалски центар во Гевгелија, 11 лица се во објектот за сместување на ранливите категории на лица („безбедна куќа”) во Скопје, додека останатите 9 се во индивидуално сместување.
Откако Балканската бегалска рута беше официјално затворена во март месец минатата година, УНХЦР и хуманитарните организации кои беа активно вклучени во справувањето со бегалската криза постојано апелираа до надлежните институции дека со затворањето рутата нема да се реши проблемот со бегалците, како и дека на тој начин тие ќе станат мета на криумчарите.
Меѓудругото, во неколку наврати УНХЦР и граѓанските организации укажуваа дека прифатно-транзитните бегалски центри во Гевгелија и Табановце не се соодветни за подолг престој на бегалците бидејќи според условите кои ги имаат, тие се наменети за краткотраен престој на лицата кои бегајќи од војните во земјите на Блискиот Исток поминуваа низ Макеоднија движејќи се кон земјите на западна Европа, на нивниот „пат на надежта".