Dejan Maksimoviç
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
САРАЕВО (AA) – Денис Звиздиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина и Зоран Заев, претседателот на Владата на Македонија се состанаа денеска во Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
Звиздиќ и Заев разговараа за билатерални односи и јакнење на соработката на двете земји на евроатланскиот пат, соопштено е од Советот на министри на БиХ.
Звиздиќ рече дека БиХ и Македонија се две пријателски земји кои ги поврзува заедничка историја и култура. Истакна дека двете држави негуваат мултиетничност и имаат исти надворешно-политички цели, а тоа се Европската унија и НАТО интеграцијата.
Додаде дека политичката соработка на двете земји е одлична, за што сведочи неодамна потпишаниот Договор за соработка на Советот на министри на БиХ и Владата на Република Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, но дека би требало да се вложи дополнителен напор во интензивирањето на економската соработка во корист на граѓаните на двете држави.
Звиздиќ го информираше премиерот Заев за актуелната политичка ситуација во БиХ, со посебен осврт на остварениот напредок на БиХ на европскиот пат и предизвиците кои се наоѓаат пред неговата земја во понатамошниот интеграциски процес.
Во текот на средбата, договорена е официјална посета на делегацијата на Владата на Република Македонија на БиХ кон крајот на овој месец.
Од прес службата на Владата на Република Македонија, денеска најавија дека двајцата премиери ќе присуствуваат на Церемонијата „Најменаџер и најкомпанија за 2017“, кадешто премиерот на Република Македонија Заев, ќе има обраќање.
Премиерот Заев е почесен гостин на оваа значајна манифестација за бизнисот во Југоисточна и Средна Европа, како минатогодишен добитник на наградата за најдобар градоначалник во Југоисточна Европа и оваа година ќе додели една од наградите.
„Соработката и напредокот на регионот носат квалитетен живот за граѓаните на нашите држави, да продолжиме да ги продлабочуваме економските и политичките односи", ќе биде една од пораките на премиерот Заев на Церемонијата, најавија од неговиот кабинет.
Инаку, во рамките на посетата на Сараево, премиерот Заев ќе има вечера со претседавачот со Советот на министри на БИХ, Денис Звиздиќ како и со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој е исто така во работна посета на Сараево.