ТИРАНА (АА) - Владата на Албанија и Косово одржаа четврт заеднички состанок во албанскиот град Корча, по кој се потпишани 12 договори за меѓусебна соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Албанија, Еди Рама за време на состанокот на двете влади нагласи дека трговската соработка меѓу двете земји ќе биде продлабочена со отстранување на царинската бариера.
„Нашите две Влади повторно се сретнаа, по повеќе од година дена и нормално е да се ориентираме кон биласот, кој ќе ни овозможи не само јасен одраз на она што сме постигнале, туку и јасна слика за следните чекори кои треба да ги преземеме”, рече Рама.
Тој оцени дека досегашните состаноци на двете Влади биле продуктивни, и дека Заедничката декларација за соработка и стратешко партнерство, потпишана во Призрен на 11 јануари 2014 година е карта на патот на оживување на соработката и хармонизацијата на билатерално, регионално и европско ниво.
Албанскиот премиер ги издвои договорите за олеснителна трговска размена, укинување на тарифни и нетарифни бариери, олеснување на процедурата и царинските даноци и унификација на сертификацијата на стоки.
Премиерот на Албанија, Еди Рама рече дека ја следи работата околу отворањето на царинската канцеларија на Косово во албанското пристаниште Драч, која треба да започне со работа за неколку недели.
Тој нагласи дека Албанија останува одлучна да ги засили дипломатските активности за поддршка на евро-атланските аспирации на Косово, а посебно регионалното опфаќање на Косово како единствен предуслов за мирен, сигурен и интегриран регион како целина во НАТО и ЕУ.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај нагласи дека европска агенда е програма на косовската влада.
„Истовремено, во агендата која е многу вредна за нас, се наоѓаат членството во НАТО и оспособување на нашите сили. Денеска е Ден на безбедносните сили на Косово, ние сме сериозни и работиме со нашите партнери и веруваме дека сме на вистинскиот пат. Со време ќе имаме трансформација на нашите сили во Вооружени сили на земјата”, рече Харадинај.
Тој порача дека и Косово е одлучно да води дијалог со Србија, но и дека смета дека дијалог сега е во финализација, и дека епилогот на дијалогот треба да доведе до признавање на Косово и Србија. Затоа потребно е покрај Европската унија, во дијалогот да учествуваат и Соединетите американски држави (САД), истакна Харадинај.
Харадинај посочи дека Косово е заинтересирано за продлабочување на односите со сите соседи.
„На меѓународен план, Косово сѐ уште има потешкотии при зачленувањето во меѓународните механизми, во меѓународни организации, во признавањето и тука уште еднаш би побарал и апелирал дека Албанија може да му помогне на Косово во овие процеси кои се многу значајни за зацврстување на нашата независност”, додаде Харадинај.
По заедничкиот состанок на двете влади, потпишани се 12 договори и протоколи за соработка во областа на земјоделството, животната средина, дијаспора, електрична енергија и друго.
Заедничкиот состанок на двете влади ќе продолжи утре во Валона, во рамките на активостите кои се организираат по повод 105. годишнината на независноста на Албанија, 28. ноември 1912 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
