Admir Fazlagic, Husameddin Gina
04 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Извршиот одбор на владејачката партија Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ) вечерва одржа состанок, а истовремено состанок одржа и Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, каде се разговараше за одржаниот референдум, политичката состојба во земјата по референдумот и чекорите кои треба да бидат преземени, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сериозен е процесот пред државата. Ќе се обидуваме со пратениците. Се ште можеме ќе направиме. Ги знаете нашите ставови, не би кажувал детали", изјави премиерот на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев по состанокот на Извршниот одбор на СДСМ, најавувајќи повеќе детали во партиско соопштение.
„Членовите на Извршниот одбор едногласно заклучија дека сега, кога има јасно изразена мнозинска волја, пратениците во Собранието на Република Македонија треба да го следат гласот на мнозинството од над 600 илјади граѓани, да преземат одговорност и да се забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ", се вели во соопштението на СДСМ по одржаниот состанок.
„Доколку тоа не е возможно и ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјава во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината", заклучи Извршниот одбор на СДСМ.
Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ, вечерва заклучи дека дека договорот од Преспа е „политички мртов". Заклучоците на партијата ги искажа Александар Николоски, потпретседател на партијата, кој ги искажа нивните барања.
„Прво, да се формира анкетна комисија во Собранието од пратеници. Таа иницијатива е веќе поднесена, и комисијата ќе треба да ги истражи сите нерегуларности околу референдумот, и да ги санкционира оние кои правеа неправилности. Второ, барање за разрешување на Јавниот обвинител кој што очигледно замижува пред криминалот на референдумот, и избор на нов јавен обвинител на предлог на опозицијата. И, трето, доколку Заев има намера да распише избори, ќе го победиме. Бараме да го почитува договорот и согласно законот за избори, ќе се формира техничка влада 100 дена според пржинскиот модел", истакна Николовски.
Инаку, премиерот Заев по завршување на референдумот најави дека во наредните десетина дена ќе се обидат да разговараат со пратениците во Собранието на Република Македонија со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени, предвидени во Договорот за решавање на спорот за името со Грција.
За прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името во „Република Северна Македонија“, во Македонија на 30 септември се одржа референдум на кој беше поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“
Излезноста на гласачите изнесуваше 36,91 отсто. Од гласачите што излегоа на гласање, 91,46 отсто го дадоа својот глас „за“, додека 5,65 отсто беа „против“.