Besar Ademi
30 Март 2018•Ажурирај: 31 Март 2018
СКОПЈЕ (AA) - Македонскиот премиер Зоран Заев, по изјавите на рускиот амбасадор во Скопје, кој вчера ја критикуваше одлуката за протерување на руски дипломат од Македонија, изјави дека Русија не треба да ја разбере таквата одлука како провокација или кавга,туку дека одлуката е во согласност со законите на земјата и Виенската конвенција, јавува Anadolu Agency (АА).
Премиерот Заев изрази надеж дека заедно сите ќе бидат фокусирани на градење на пријателство, а не на кавги. Тој истакна дека Виенската конвенција е многу значајна, прецизна и јасна.
„Ние постапивме само согласно законите и Виенскат конвенција иако неколку пати беше многу укажувано дека не треба да се претерува и да не се прави тоа што со закон и со Виенска конвенција не е дозволено", рече Заев.
Премиерот на Македонија осврнувајќи се на одлуката за протерување на руски дипломат од земјата, рече дека тоа што го направиле е нешто што меѓународната пракса го познава.
Заев истакна дека Република Македонија има стратешки цели, а тоа е полноправно членство во НАТО и ЕУ.
„Ние не бараме членство во НАТО за да некого напаѓаме, ние бараме заедно со НАТО земјите да се грижиме за мирот во светот, заради вредностите на НАТО, тоа е владеење на правото", истакна Заев, додавајќи дека тоа се вредности коишто ги почитуваат човековите права и слободи, поради што над 75 отсто од граѓаните на земјата се ориентирани кон таа цел.
„Остануваме на нашата длабока желба да ја унапредиме соработката и односите со Руската Федерација. Можеме да имаме бенефит за граѓаните на двете земји. Овде живее доминантно, мнозинствено православно население, рускиот народ е православен, имаме поврзаност. Не сакаме кавги, не сакаме ова да биде сфатено како било какви провокации или кавги. Ја користам приликата да испратам позитивни зборови, зборови на пријателство, затоа што ние сме мала земја, со пријатели само ќе не биде", порача Заев.
Амбасадорот на Руската Федерација во Р. Македонија, Олег Шчербак, на вчера одржаната прес конференција изјави дека одлуката на Македонија за протерување на рускиот дипломат од земјата е несовесна и политички монтирана одлука.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија во понеделникот објави дека во тесна консултација со сојузниците и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
Потсетуваме, поранешниот руски агент, 66-годишниот Сергеј Скрипал и неговата 33 годишна ќерка Јулија неодамна беа пронајдени во несвесна состојба во Англија и беа згрижени во болница.
Велика Британија ја обвини Русија за труење на Скрипал, што рускиот претседател Владимир Путин категорично го негираше. Официјален Лондон тврди дек нападот е изведен со употреба на нервен отров Новичок кој советските сили го користеле и во Втората светска војна.
САД и уште најмалку 27 земји по скандалот протераа вкупно најмалку 144 руски дипломати и наредија затворање на рускиот конзулат во Сиетл, Австралија исто така протера двајца руски дипломати.
Од друга страна, Русија нареди протерување на вкупно 60 американски дипломти кои мораат да ја напуштат таа земја најкасно до 5 април. Одлуката вклучува и затворање на американскиот конзулат во Санкт Петербург.