Балкан

Заев на средба со Борел: „Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите"

„Министрите ја реафирмираа европската перспектива на целиот регион. Има многу силна поддршка што е можно побрзо да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија", изјави Борел

Admir Fazlagic  | 11.05.2021 - Обновена : 13.05.2021
Заев на средба со Борел: „Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите" ( Foto: EU Council )

СКОПЈЕ

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска оствари средба и со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жосеп Борел, пренесува Агенција Анадолија (АА).

После средбата, двајцата соговорници Заев и Борел дадоа изјави за резултатите од останатите средби на владината делегацијата во Брисел.

„Деновиве во Брисел ние имаме јасна мисија – да ја пренесеме пораката од македонските граѓани до претставниците на ЕУ дека работевме вредно, испорачавме и сакаме да го дадеме нашиот соодветен удел во иднината на Европа", рече Заев на прес-конференцијата.

„Не бараме повеќе од она што сме заслужиле, а тоа е да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Уште во март 2020 беше потврдено дека Северна Македонија ги има исполнето своите обврски и сега е време ЕУ да испорача. Може ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Може ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не!", истакна Заев.

Меѓу другото, премиерот Заев рече дека позитивен чекор напред за Северна Македонија би претставувал охрабрувачка порака за целиот регион.

„Чекор наназад за Северна Македонија ќе значи порака што обесхрабрува, порака за целиот Западен Балкан", порача Заев.

Потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел, рече дека вчера разговарале со министрите за надворешни работи на земјите - членки на Европската унија за важноста на Западен Балкан.

„Министрите ја реафирмираа европската перспектива на целиот регион. Има многу силна поддршка што е можно побрзо да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија", рече Борел и истакна:

„Дозволете ми да нагласам многу јасно: нема поддршка за „раздвојување“ - ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите - членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите за пристап, и слично како Албанија, заслужува да продолжи во следната фаза на процесот без одложувања."

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.