Ivana Ramadanova,Admir Fazlagikj
16 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) денеска одржа јавна седница, на која одлучуваше по поднесените приговори на СДСМ и БЕСА за текот на гласањето и броењето на гласовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Како единствена точка на дневниот ред беше разгледувањето и одлучувањето по приговорите поднесени од подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието, а кои се однесуваат на постапката за гласање и на постапката за сумирање и за утврдување на резултатите.
Приговорите на БЕСА се однесуваат на општините Арачиново, Тетово, Гази Баба и Липково, додека оние на СДСМ за избирачки места во шестата изборна единица.
Откако овластениот претсавник на партијата БЕСА ги образложи сите приговори поединечно, членовите на Државната изборна комисија гласаше против седум преговори кои беа одбиени, додека за еден приговор, кој се однесува на избирачко место во Гостивар, ДИК побара графолошко вештачење.
Како причини за одбивањето беше наведено дека за приговорите немало докази, навреме не се поднесени приговори до општинските изборни комисии на денот на изборите, а овластените претставници на партиите што биле на избирачкото место го потпишале записникот.
По однос на приговорите на СДСМ, ДИК одби три приговори, додека едниот остана отворен за понатамошно разгледување. Останатите четири приговори ДИК ќе ги разгледува во 12 попладне кога ја презакажаа седницата.
Откако во ДИК ќе заврши постапката и ќе се произнесе, сите подносители на приговори имаат право да поднесат тужба до Управниот суд. И за тоа имаат дополнителни 24 часа. Управниот суд има рок да одлучи во рок од 48 часа. Според наведеното, на 20 декември најдоцна, доколку сето ова се случува во меѓувреме, ДИК треба да ги објави конечните резултати.
Ваквите приговори доаѓаат откако во понеделникот ДИК ги соопшти првичните резултати, според кои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има 51 мандат, СДСМ со коалицијата 49 пратеници, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса за Албанците 3, а ДПА – 2 пратеници.
- Протест на граѓаните поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК: Не сакаме немири, сакаме победата да ни биде потврдена
Во меѓувреме, додека траеше седницата на ДИК, во вечерните часови, во знак на револт кон работата на ДИК, пред зградата на оваа институција почнаа да се собираат поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ од неколку градови од земјата, кои порачаа дека нема да дозволат да им биде украдена демократската победа на изборите.
На пристуните им се обратија бројни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Антонио Милошоски кој од ДИК побара да ја признае победата на партијата која на овие избори освоила најголем број гласа.
„На државата не и гребаат кризи, Две ипол години бевме во криза за да дојдеме до избори. Дојдовме до избори. Бевме чесни, излеговме на гласање и победивме. Сакаме победата да ни биде потврдена за Македонија да биде стабилна, да биде напредна", рече Милошоски.
Обраќајќи им се на присутните пред ДИК, директорот на Државниот архив на Република Македонија Филип Петровски побара, од како што рече „амбасадорот" да ги „тргне рацете од ДИК и да не им дава сила да прават немири".
„Не ни треба нов Таксим и нов Киев. Во Македонија победи македонскиот народ и немој да го провоцираш веќе", порача Петровски пред собраните граѓани поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.
Собраните граѓани откако слушнаа дека ДИК ќе ја продолжи седницата од 12 часот се разидоа, но најавија дека пак ќе дојдат пред зградата на оваа институција.