Ivana Ramadanova,Admir Fazlagikj
16 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) денеска ја продолжи јавната седница, на која одлучува по поднесените приговори на СДСМ и БЕСА за текот на гласањето и броењето на гласовите од предвремените парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Во текот на денешниот ден, ДИК продложи со разгледување на останатите четири приговори на коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз.
Пред официјалниот почеток на јавната седница, официјалниот претставник на СДСМ повлече два приговори, кои се однесуваат за изборната единица шест во Тетово.
Во меѓувреме, по разгледување на еден од отворените приговори на СДСМ, кој се однесуваше на недостаток на избирачко ливче, Државната изборна комисија го отфрли, притоа гласајќи против да се отвори гласачкиот материјал за повторно пребројување на гласачките ливчиња.
Државната изборна комисија останува да ги разгледа и последните два приговори, а истовремено треба да се реши и за еден отворен приговор поднесен од страна на партијата БЕСА, а кој се однесува на граѓанин кој не можел да го оствари своето избирачко право.
Во меѓувреме, продолжува собирот на стотици граѓани, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, пред зградата на ДИК кои бараат од оваа инсттитуција да го прогласи победникот на изборите.
Поради студеното време собраните граѓани запалија огревно дрво, порачувајќи дека ќе останат пред ДИК сè додека не биде прогласен победникот на овие предвремени парламентарни избори.