Балкан

Есен во Националниот парк „Уна“, бисерот на БиХ

Националниот парк „Уна“, клучниот фактор на туристичкиот развој на Унско-санскиот кантон во БиХ, од година во година привлекува сè поголем број љубители на природата и на нејзините убавини

Vesna Besic  | 23.10.2021 - Обновена : 26.10.2021
Есен во Националниот парк „Уна“, бисерот на БиХ Фото: Самир Јордамовиќ - Агенција Анадолија

БИХАЌ (АА)

- Весна БЕШИЌ


Националниот парк „Уна“, клучниот фактор на туристичкиот развој на Унско-санскиот кантон во БиХ, од година во година привлекува сè поголем број љубители на природата и на нејзините убавини.

Овој национален парк, покрај широките зони наменети за туризам и рекреација, има и строго заштитени зони меѓу кои се истакнуваат водопадите, каскадните водопади, травертинската бариера во Мартин Брод и на Штрбачки Бук.

Пред влезот во првиот поголем кањон, реката Уна се спушта низ прекрасниот Штрбачки Бук со висина од 24 метри, што покрај Мартинбродските Водопади, претставуваат најубавите водопади на оваа босанскохерцеговска река, но иво тој дел на Европа.

Првиот поголем водопад на речниот тек на Уна се наоѓа кај Мартин Брод, населба оддалечена 50-тина километри од Бихаќ. Втор поголем водопад е Штрбачки Бук кој се наоѓа во непосредна близина на државната граница на БиХ со Хрватска. Штрбачки Бук, всушност, го сочинуваат неколку водопади, блиску еден до друг.

Овие природни водопади со децении го привлекуваат вниманието на вљубениците во природата, но и на рибарите, како и на уметниците кои во убавините на Уна бараат инспирација за своите дела.

Амарилдо Мулиќ, директорот на Националниот парк „Уна“, потсети дека од 2011 година, кога имале 2.500 посетители, секоја година се зголемува бројот на лица што ја посетуваат оваа туристичка атракција.

„2019 година ја завршивме со 120.000 евидентирани посетители во Националниот парк ‘Уна’, што е и најдобар резултат досега. Во 2020 година влеговме со добра проценка, меѓутоа, и нас, како и целиот свет, нѐ погоди пандемијата. Минатата година ја завршивме со 51.200 посетители, а оваа година туристите се вратија и досега забележавме 97.000 посетители. Од нив, 80.000 оваа година го посетија Штрбачки Бук“, изјави Мулиќ за АА.

„Бевме активни оваа година и реализиравме битни проекти, со кои ја унапредивме потребната инфраструктура на ова подрачје, особено во подрачјето на Штрбачки Бук. Веќе четири години вложуваме напори ова подрачје, заедно со зоната на Мартин Брод и Миланиќев Бук, да ги запишеме во регистарот на светското природно наследство“, истакна Мулиќ.

Еден од проектите, како што информираше Мулиќ, е поставување соларно осветлување на шеталиштето покрај Штрбачки Бук, со што оваа атрактивна локација ќе биде посетувана и во ноќните часови.

Тој соопшти дека од година во година се зголемува туристичката сезона во Националниот парк „Уна“ и додаде дека туристите почнуваат да пристигнуваат во април и тоа трае до октомври, односно до првата половина на ноември. Мулиќ нагласи дека шпицот на туристичката сезона е во јуни, јули и август.

Националниот парк „Уна“ низ својот развој стана генератор на економскиот развој на тој дел на БиХ, а особено на развојот на туристичко-угостителскиот сектор во земјата.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.