ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Управата за верски прашања на Турција, проф. д-р Али Ербаш, истакна дека идентитетот е она што го држи еден народ постојан во историјата, и дека овој идентитет се состои од одредени елементи, меѓу кои јазикот, историјата, културата, географијата и татковината, но, според него, главниот елемент што го создава идентитетот е религијата и верувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Ербаш во косовскиот главен град Приштина, учествуваше на отворањето на програмата „Мевлуд за божјиот пратеник Мухамед“ во странство, која се организира во соработка на Управата за верски прашања на Турција и Исламската верска заедница на Косово.
Во рамки на програмата беа прочитани делови од Куранот, како и рецитирани илахии, поезија и мевлуд.
Ербаш во својот говор на отворањето на оваа програма истакна дека донел срдечни поздрави од различни региони на Турција, како Анадолија, Истанбул, Бурса и Коња.
Ербаш нагласи дека мевлудот, кој претставува раѓање на божјиот пратеник Мухамед, има значајно место во умот и срцата на муслиманите, и дека сеќавањето на пратеникот значи разбирање на начинот на повторното запознавање на светот кој е зафатен со големи проблеми како војните, сиромаштијата и безнадежноста, со правда и милост.
Ербаш рече дека темата „Нашиот пратеник и младината“ е избрана за тема на неделата на „Мевлудот за божјиот пратеник Мухамед“ за 2018 година, и дека младоста е еден скапоцен благодат за човекот.
„Мнозинството од оние кои преминаа во ислам во најтешките времиња во Мека, прифаќајќи ја поканата на нашиот божји пратеник, беа младите. Божјиот пратеник најголемата морална и правна револуција во историјата ја реализираше со младите“, рече тој, додавајќи дека факт е дека младите се понаклонети за прифаќање на исламот.
Ербаш истакна дека денес механизмите кои влијаат врз емоциите на младите, и на глобален начин го оптоваруваат животот, се базирани на интереси и злоупотреба.
„Всушност, на денешен ден каде животот е преоптоварен од капитализмот, потрошувачката и суетата кои се лансирани како алатки за да бидете забележани, најмногу ги опкружува младите. Терористичките организации произведени преку серија анархистички проекти, нивните стапици ги поставуваат на патот на емоциите на младите“, додаде Ербаш.
Ербаш рече дека еден од најголемите одговорности во име на задгробниот живот (ахирет) е да се биде праведен водач за младите, и дека младоста е големо богатство и голема можност која народите ќе ги носи кон иднината.
„Она што еден народ го прави постојан во историјата е идентитетот. Овој идентитет се создава од некои елементи, како јазикот, историјата, културата, географијата и татковината. Но, главниот елемент кој го создава идентитетот е религијата и верувањето. Историјата ни покажува дека кога народите ги губат вредностите за кои станува збор, конечно го губат и идентитетот. Затоа, особено најважно прашање на коешто треба да се внимава во Косово е да се реализираат сите видови активности со цел младите генерации да го добијат идеалниот муслимански идентитет“, нагласи Ербаш.
Тој подвлече дека турската Управа за верски прашања, преку Република Турција и турскиот народ, ќе продолжи да стои до своите муслимански браќа во Косово, и дека преку соработката меѓу турската Управа за верски прашања и Исламската верска заедница на Косово ќе продолжат да го заштитуваат исламот од погрешни перцепции, и ќе овозможат исламските вредности и култура да опстојат.
Од друга страна, претседателот на Исламската верска заедница на Косово, Наим Трнава, истакна дека со различни активности ќе ја одбележат неделата на „Мевлудот за божјиот пратеник Мухамед“.
Трнава нагласи дека љубовта и почитта кон божјиот пратеник Мухамед и неговата мисија, освен што се заповеда, според него, таа ја воздигнува, образува и ја прави плодоносна индивидуата и општеството.
„Во ова време во кое живееме од една страна е полно со конфликти, нетрпеливост и омраза, а од друга страна нашата младина се соочува со многу негативни феномени. Учењата на пратеникот (Мухамед) се најдобриот излез за надминување на овие предизвици кои нè мачат денес. Овој месец е месец на сеќавање на нашиот пратеник и неговото учење“, рече Трнава.
Трнава нагласи дека треба да се вложи напор за зајакнување на мирот и запирање на војните, и дека во овој месец треба да им се даде важност на младите.
„Ако еден човек бара модел за образование, нема да најде на некое друго место освен кај пратеникот (Мухамед). Ако бара пример за лојалност, тоа ќе го најде кај пратеникот. Ако бара модел за љубов кон татковината, тоа ќе го најдеме кај пратеникот. Ако бара пример за мудрост и скромност тоа ќе го најде кај пратеникот. Кај него ќе го најде најдобриот пример за сè што е позитивно“, додаде Трнава.