Admir Fazlagic
29 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, со денешните неколку активности го заокружи третиот ден од работната посета на Брисел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија, министерот Димитров се состана со Пиотр Серафин, шеф на Кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
„Министерот Димитров, повикувајќи се на потврдениот реформски успех и добрососедската политика, потенцираше дека Република Македонија претставува голема можност за успех во Европа и заслужи почеток на пристапните преговори со ЕУ“, се наведува во соопштението.
Својата посета на Брисел, министерот Димитров ја заокружи со обраќање во бриселскиот тинк-тенк „Европски центар за политики“, на тема: „Спорот за името на Македонија: Тест за проширувањето на Балканот“.
Според соопштението на МНР, министерот Димитров ги запознал присутните со состојбата во Република Македонија. Тој ја истакнал важноста за изнаоѓање решение на спорот со Грција, со што, покрај Република Македонија, придобивки би имале и регионот, но и Европа.
Во тој контекст, тој истакнал: „Преговорите со Грција не се само процес за решавање на разликата што ја имаме, туку и процес кој ќе нѐ направи блиски сојузници.“
Шефот на македонската дипломатија се осврна и на внатрешните реформи - она што е направено досега, како и она што треба да се направи во блиска иднина, со посебен фокус на реформите во судството и слободата на медиумите.
На крајот, министерот Димитров зборуваше и за добрососедските односи, вклучувајќи го и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Со тоа, министерот за надворешни работи, Никола Димитров ја финализираше тридневната работна посета на Брисел.