Zülfiya Yakup
30 Април 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
ПРИШТИНА (АА) - Република Косово и Саудиска Арабија имаат конкретни билатерални односи, кои можат да се прошират во областа на економската соработка, изјави премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, на состанокот со делегацијата на Советот на Саудиските стопански комори и претставници на различни стопанственици од таа земја, предводени од Халид Абдулрахман Ал Осман, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Харадинај ѝ се заблагодари на делегацијата за нивната подготвеност за соработка и ја потврди заложбата на Владата на Косово за создавање соодветни услови за стратешки инвестиции, кои би можеле да помогнат во економскиот развој и во создавањето нови работни места. Тој истакна дека Косово како нова држава со младо население е атрактивен пазар за инвестирање.
„Косово има голем потенцијал да добие директни инвестиции. Создадовме поволна клима за странските инвеститори, имаме човечки ресурси, млада и профилирана работна сила, како и поволни услови од аспект на законодавството во областа на бизнисот“, рече премиерот.
Средбата со инвеститорите и бизнисмените од Саудиска Арабија беше организирана во рамките на настојувањата на Владата на Косово да ја пренесе пораката дека Косово станува атрактивен пазар на кој може да се инвестира во повеќе области.