Furkan Naci Top
27 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
АТИНА (АА) - Грчкиот заменик-министер за цивилна заштита, Никос Тоскас, порача дека постојат сериозни докази кои укажуваат оти пожарите во земјата се подметнати, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека според истражувањето коешто е спроведено досега, пронајдени се докази кои водат кон заклучокот дека пожарите, во кои смртно настрадаа најмалку 85 лица, се подметнати.
Тоскас и портпаролот на Владата, Димитрис Цанакопулос, организираа прес-конференција заедно со полицијата и противпожарната служба. Тој изјави дека ги вложуваат сите напори да ги пронајдат грешките на одговорните за овие пожари.
„Не гледам грешка во администрацијата. Нашата загуба е голема“, рече Тоскас.
Тој нагласи дека му ја врачил својата оставка на грчкиот премиер Алексис Ципрас, но дека тој не ја прифатил бидејќи сметал дека не е правилно да се замине од функцијата во таа тешка ситуација.
Цанакопулос изјави дека се собрани сите информации, вклучувајќи и сателитски снимки во врска со избивањето на пожарите.
Раководителот на противпожарната единица, Сотирис Терзудис, истакна дека ветерот, кој дувал 100-120 километри на час, не им одел во прилог.
Пожарот кој изби во шумското подрачје во Рафина, североисточно од градот, потпомогнат од високата температура на воздухот и силниот ветар, брзо се прошири на околното подрачје. Многумина од починатите настрадале заробени во куќите или возилата. Дел од нив се удавиле во морето во кое скокнале бегајќи од огнената стихија. Од морето досега се извлечени најмалку 6 тела.