свет, Балкан

Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Сребреница

За Резолуцијата за геноцидот во Сребреница гласаа 84 држави, 19 беа против, а 68 воздржани.

Bedrudin Brljavac  | 23.05.2024 - Обновена : 25.05.2024
Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Сребреница

ЊУЈОРК (АА) - Генералното собрание на Обединетите нации денес ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, јавува Анадолу.

За Резолуцијата за геноцидот во Сребреница гласаа 84 држави, 19 беа против, а 68 воздржани.

Поголемиот дел од земјите членки на ОН со ова одлучија да го прогласат 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница извршен врз Бошњаците во 1995 година.

Против Резолуцијата беа делегациите на Антигва, Белорусија, Кина, Коморските Острови, Куба, Северна Кореја, ДР Конго, Еритреја, Доминиканската Република, Есватини, Гренада, Унгарија, Мали, Науру, Никарагва, Русија, Сао Томе и Принципе, Србија и Сирија.

Нацрт-резолуцијата беше претставена на почетокот на седницата од германската амбасадорка во ОН, Антје Лендерце, потсетувајќи на судски и историски утврдените факти за геноцидот извршен во Сребреница во јули 1995 година.

„Оваа резолуција е заради почитување на споменот на жртвите и на преживеаните. Геноцидот во Сребреница е признаен како таков од меѓународните судови. Одбележувањето на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавањето е заради институционален спомен“, рече Лендерце.

Нацрт-резолуцијата беше спонзорирана од многу земји, меѓу кои Албанија, Австрија, Бангладеш, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Чиле, Хрватска, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Јордан, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Холандија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Полска, Руанда, Словенија, Шведска, Туркије, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Вануату.

Во нацртот, Генералното собрание на ОН се повикува на резолуциите од 1993 година со кои Сребреница се прогласува за безбедна зона, на Резолуцијата од мај 1993 година со која се основа Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија и на резолуцијата од декември 2010 година за формирање на Меѓународен резидуален механизам за кривични судови.

Исто така, во текстот на Резолуцијата се потсетува на сите пресуди на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, особено оние кои содржат осудувачки пресуди за злосторството геноцид врз босанските муслимани извршено во Сребреница во 1995 година и од февруари 2007 година, во кои Судот утврди дека делата извршени во Сребреница претставуваат геноцид.

Во Резолуцијата се наведува дека процесуирањето на одговорните за геноцид и други меѓународни злосторства во националните правосудни системи, вклучително и Судот на Босна и Херцеговина, Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, како и Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, останува централно место за процесот на национално помирување и градење доверба и обнова и зачувување на мирот во Босна и Херцеговина, наведувајќи дека силната регионална соработка меѓу националните обвинителства е од суштинско значење за негување на мирот, правдата, вистината и помирувањето меѓу државите во регионот.

Генералното собрание на ОН потсетува и дека во 2025 година ќе се одбележат 30 години од геноцидот во Сребреница, во кој беа убиени најмалку 8.372 лица, илјадници беа раселени, а многу семејства и заедници беа уништени.

На крајот од нацрт-резолуцијата наведени се седум точки.

Генералното собрание ја донесе одлуката 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница во 1995 година и да се одбележува секоја година;

Резолуцијата без резерва го осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница, кој е историски настан, и ги повикува земјите членки да ги сочуваат утврдените факти, вклучително и преку нивните сопствени образовни системи преку развивање соодветни програми, исто така и со цел сеќавање за да се спречи негирање, искривување и појава на геноцид во иднина;

Таа, исто така, безрезервно ги осудува дејствата кои ги величаат оние што се осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид од страна на меѓународните судови, вклучително и оние кои се одговорни за геноцидот во Сребреница;

Ја нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница со цел достоинствен погреб и повикува на продолжување на кривичното гонење на сторителите на геноцидот во Сребреница кои допрва треба да се соочат со лицето на правдата;

Ги повикува сите држави целосно да се придржуваат кон своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид и меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид, почитувајќи ги релевантните одлуки на Меѓународниот суд на правдата;

Бара од генералниот секретар да воспостави програма за информирање под наслов „Геноцидот во Сребреница и Обединетите нации“, почнувајќи од подготовките за 30-годишнината, а исто така бара од генералниот секретар да го сврти вниманието на резолуцијата на сите земји членки, организациите на системот на Обединетите нации и организациите на граѓанското општество;

Ги повикува сите земји членки, организации на системот на Обединетите нации, други меѓународни и регионални организации и граѓанското општество, вклучително и невладините организации, академските институции и другите релевантни заинтересирани страни да го одбележат Меѓународниот ден, вклучувајќи посебни одбележувања и активности во знак на сеќавање и почест на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година, како и соодветна едукација и активности за подигање на јавната свест.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.