Балкан

Вучиќ: „Ќе има заострување на мерките за Белград, но веројатно без полициски час“

Вучиќ ги повика граѓаните да не излегуваат на демонстрации за да нема понатамошни, како што рече, ужасни инфекции, затоа што денес е втор најлош ден поради коронавирусот

Bojana Stojanovic  | 08.07.2020 - Обновена : 09.07.2020
Вучиќ: „Ќе има заострување на мерките за Белград, но веројатно без полициски час“

БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска најави дека ќе има заострување на мерките за Белград, но веројатно без полициски час, и дека утре Кризниот штаб за борба против коронавирусот ќе заседава и ќе одлучи за конечните мерки за претстојниот петок и викендот, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Секако ќе има заострување на мерките за Белград, но веројатно без полициски час“, изјави Вучиќ.

Вучиќ ги повика граѓаните да не излегуваат на демонстрации за да нема понатамошни, како што рече, ужасни инфекции, затоа што денес е втор најлош ден поради коронавирусот.

„Луѓе, не одржувајте собири со 2.000, 3.000 или 4.000 луѓе, не затоа што се плашиме, туку затоа што со тоа ќе ги заразите своите соседи и вашите најблиски. Ако го правите тоа, ние ќе ви дозволиме, но сè додека тоа го правите мирно, без загрозување на полицијата и државните институции“, рече Вучиќ.

На прес-конференцијата во Претседателството на Србија, Вучиќ наведе дека синоќа во Белград биле сведоци на „најбруталното политичко насилство во последните неколку години“, како и на агресивен политички протест на десничарите, и дека е нанесена голема материјална штета, но и штета на угледот на Србија.

„Во претходните осум години, за разлика од минатото, Србија во целост ја почитуваше слободата на собирање, демонстрации и изразување различни мислења, и никогаш на никој начин не го загрозуваше тоа право на припадниците на својот народ и своите граѓани“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека „екстремистите претежно на десничарските и профашистичките организации, како што самите себеси се нарекуваат, го нападнаа Собранието на Србија и влегоа во него, што претставува извршување на најмалку две кривични дела“, дека полицијата се однесувала достоинствено, претрпела неверојатен притисок и одговорила само кога го зазеле холот на Собранието на Србија и ја оштетиле вратата на зградата.

„Тој политички собир беше добро организиран, тука потфрлија и дел од нашите безбедносни служби бидејќи тука имаше влијание и од криминални и од странски фактори“, додаде Вучиќ.

Тој, исто така, покажа фотографии од повредени полицајци, додавајќи дека тие никого не нападнале и дека полицијата била принудена да реагира за првпат во изминатите осум години, дека полицијата ќе може да ги заштити луѓето од „политичкиот екстремизам“.

„Нема да дозволиме никому да го уништи мирот и стабилноста во Србија и тоа нема да го дозволиме никому одвнатре и никому однадвор“, изјави Вучиќ.

Синоќа во Белград се одржаа протести на граѓаните, незадоволни поради најавата за повторно воведување полициски час од петок до понеделник, поради коронавирусот. Демонстрантите кратко упаднаа во српскиот Парламент, но полицијата ги истера.

Се фрлаше со шишиња на полицијата, се палеа контејнери, но и полициски возила, а во текот на растерувањето на демонстрантите полицијата употреби сила.

За време на протестите повредени се 43 полицајци и 17 демонстранти, а поради нередите приведени се 23 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın