Senita Sehercehajic
07 Јуни 2023•Ажурирај: 08 Јуни 2023
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа оствари средба со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак, и со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, јавува Анадолу.
По состанокот, Вучиќ на својот профил на Инстаграм напиша дека „Србија од првиот ден е конструктивен, доследен и доверлив партнер во сите процеси кои водат до зачувување на стабилноста на целиот регион“.
„Порачав дека е време Приштина конечно да ги исполни своите обврски, а пред сите, формирање на Заедницата на српските општини во согласност со Бриселскиот договор. Сакам да верувам дека дел од меѓународната заедница кој има најголемо влијание врз Приштина има и механизми кои можат да доведат до конечна реализација на обврските што Приштина ги прифати и потпиша пред повеќе од една деценија“, напиша Вучиќ во објавата.
Лајчак и Ескобар претходно ја посетија Приштина, каде што разговараа со државниот врв на Косово, претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, како и со лидерите на опозицијата, со настојување да се постигне договор меѓу Белград и Приштина.
За денес Вучиќ и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, најавија обраќање до јавноста.
Посетата на Лајчак и Ескобар уследи по последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина минатата недела во Брисел, која не даде конкретни резултати.