Andelija Stojkovic
29 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави денес, по последната седница на српската влада со која претседаваше, дека на неговото преземање на функцијата претседател на Србија ќе присуствуваат високи претставници на земјите во регионот, јавува Anadolu Agency (АА).
Вучиќ очекува на инаугурацијата на 23 јуни да дојдат шефовите на државите и претставници на владите на Словенија, Унгарија, Македонија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција и од Албанија.
„Очекувам од регионот да дојдат речиси сите, затоа што мирот и стабилноста во регионот е дел од мојата политика“, рече Вучиќ.
Запрашан за коментар во врска со изјавата на српскиот претседател во заминување, Томислав Николиќ по посетата на Братунац, дека Србија и Република Српска еден ден ќе бидат исто, Вучиќ рече дека Николиќ истапил емоционално и на новинарите им рече дека утре ќе слушнат што има да каже, но дека политиката на Србија е почитување на интегритетот на Босна и Херцеговина.
„Сите ние ја сакаме Република Српска, но нашата обврска е да го почитуваме интегритетот на Босна и Херцеговина. Тоа е нашата иднина. Ние мора да живееме заедно со Бошњаците, тоа е нашата политика. Ќе живееме заедно со нив и во Србија и во Босна и Херцеговина. Јас не сакам да мерам со бројки и проценти на територија. Имаме заедничка иднина и верувам дека и едните и другите тоа сѐ повеќе го гледаат“, рече Вучиќ.
Запрашан за тоа кој ќе биде новиот претседател на Владата на Србија, Вучиќ истакна дека сѐ уште сосема не одлучил. Тој нагласи дека откако во српскиот Парламент ќе положи заклетва пред пратениците, ќе разговара со луѓето од Српската напредна партија, а потоа и со коалициските партнери, меѓу кои и најголемата Социјалистичка партија на Србија.
Вучиќ оцени дека Владата, на чие чело беше, постигнала одлични економски резултати.
Со владата на Србија до изборот на нов премиер ќе претседава првиот потпретседател на Владата, инаку шеф на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ.