Bojana Stojanovic
31 Март 2018•Ажурирај: 01 Април 2018
БЕЛГРАД (АА) - „Кога ќе ја претставувам платформата за Косово, ќе зборувам за она што ќе се случи во иднина доколку работите не ги промениме, а не на тоа колку го сакаме сопственото минато, но тоа решение нема да биде газење на Србија“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако ги слушна мислењата на претставниците на невладините организации за политичките аспекти за сеопфатното решение на косовското прашање во рамките на внатрешниот дијалот за Косово, Вучиќ во Белград рече дека Србија мора да се обиде да биде реална.
„Кога ќе ја претставувам платформата, ќе разговарам за тоа што ќе се случи во иднина ако не ги смениме работите и ќе се обидам да ја засновам на иднината, а не на тоа колку го сакаме сопственото минато. Но, ова решение нема да биде газење на Србија, а ако не успееме ние, тогаш можеби некоја нова политичка елита може да го направи она што ние не можеме да го направиме денес“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека внимателно го слушал мислењето на невладиниот сектор и дека тоа ќе биде внимателно разгледано. Нагласи дека она што вообичаено го истакнувале речиси сите луѓе кои го изразувале своето мислење е „работите да ги кажеме отворено, да се согласиме со независноста на Косово, формално да не ја признаеме и да видиме што е тоа што можеме да го извлечеме за српската заедница и што можеме да обезбедиме за иднината на Србија во ЕУ.“
„Tука не е прашање за заштита на правата на нашата црква, тука пред сè, станува збор за државно-правниот статус, а сите други прашања многу полесно ќе ги решиме од државно-правниот статус“, додаде Вучиќ.
Тој изјави дека Косово е единствена тема, а дека сето останато се празни приказни.
„Економијата протекува одлично, луѓето ќе живеат подобро, но нема да живеат подобро, бидејќи Косово е единствена тема. Доколку тоа го решите, ќе имате сè“, изјави Вучиќ.