Bojana Stojanovic
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
БЕЛГРАД (АА) - „Историјата не смее да се заборави, како ни жртвите, како на еврејскиот, така и на српскиот народ за време на Втората светска војна“, се согласија денес во Белград претседателот на Израел, Реувен Ривлин и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелскиот претседател на заедничката прес-конференција со претседателот на Србија изјави дека двата народа имаат многу заеднички работи, дека и едните и другите се соочувале, но дека и понатаму се борат да ја заштитат независноста.
„Односите меѓу еврејскиот и српскиот народ се свртени кон минатото, но историјата не смее да се заборави. Како членови на еврејскиот народ кој страдаше за време на Холокаустот, свесни сме за страдањата на српскиот народ. Се надеваме дека во иднина ќе видиме место кое ќе оддаде почест на жртвите од Втората светска војна, каде што помладите генерации ќе учат за страдањата како на еврејскиот, така и на српскиот народ“, истакна тој.
Ривлин изрази надеж дека неговата денешна посета уште повеќе ќе помогне во интензивирањето на односите меѓу двете земји и двата народа.
„Еврејската заедница во Србија е многу важен мост меѓу двата народа“, изјави тој.
Тој му се заблагодари на Вучиќ за тоа што Србија го усвоила Законот за реституција на имотот на жртвите од Холокаустот, истакнувајќи дека тоа треба да биде модел и за другите земји.
„Горд сум што сум прв претседател на Израел што ја посетил Србија, и навистина би ми било чест српскиот претседател Вучиќ да дојде во Ерусалим“, изјави тој.
Според неговите зборови, Израел денес е силна економија.
„Горди сме на големиот број израелски инвестиции во Србија, тоа е наша должност и желба да бидеме партнери на оние што сакаат да постигнат напредок. Би бил задоволен да гледам како нашите земји напредуваат“, додаде тој.
Претседателот на Израел, исто така, истакна дека тој и Вучиќ разговарале за намерата да го потпишат Договорот за одбегнување на двојното оданочување во блиска иднина.
Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека односите меѓу Србија и Израел се традиционално добри, а односите меѓу еврејскиот и српскиот народ се на уште повисоко и подобро ниво.
„Србите и Евреите заедно поминаа низ многу маки, ужаси, и Прва и Втора светска војна и ние секогаш знаевме да ги почитуваме жртвите на едниот и другот народ“, изјави тој.
Тој, исто така, наведе дека Србија има голем интерес со Израел да развие сеопфатна соработка во сите области, а една од овие области е жртвите да не бидат никогаш заборавени.
Вучиќ му се заблагодари на Ривлин за важните зборови што ги рекол вчера во Јасеновац, истакнувајќи дека Србија никогаш нема да ги заборави „ужасното страдање, страшните злосторства и геноцидот кој е сторен врз српскиот народ во НДХ за време на Втората светска војна“.
Вучиќ изјави дека односите на двете земји се анализирани на состанокот и дека се договориле на кој начин ќе се формираат механизми за комуникација за побрза и подобра реакција.
Српскиот претседател, исто така, истакна дека е многу благодарен што Израел не го признал Косово, како што Србија секогаш ќе ги негува пријателските односи кон Израел и еврејскиот народ.
„Очекувам да ги подобриме овие односи преку економски односи, преку трговска размена“, рече тој, изразувајќи надеж дека поголем број туристи од Израел ќе дојдат во Србија, како и дека поголем број српски туристи ќе одат во Израел.
Српскиот претседател, исто така, рече дека е договорено да се формира Мешан комитет за соработка, од кој се очекува да создаде уште побезбедно деловно опкружување за двете страни.
Претседателот на Израел е во официјална посета на Србија, а во текот на денот ќе се сретне со претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ.