Bojana Stojanovıc
06 Февруари 2020•Ажурирај: 06 Февруари 2020
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија Александар Вучиќ го прими денеска генералниот секретар на Муслиманската светска лига „Рабита“, Мухамад бин Абдул Карим Иса, со кого во Белград разговараше за чекорите за унапредување на соработката, изразувајќи задоволство што таа започна со оваа посета, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вучиќ ги поздрави активностите на „Рабита“, со цел промоција на толеранција, меѓуверски дијалог и почитување на верските права. Тој во врска со тоа истакна дека од големо значење се врските кои „Рабита“ ги воспоставува во православниот свет, и дека во таа смисла особено го цени и денешниот состанок на генералниот секретар Ел Иса со патријархот на Србија, Иринеј“, се соопштува од Претседателството на Србија.
Претседателот на Србија изјави дека ја почитуваат муслиманската заедница во Србија и со големо внимание се грижат за нејзината позиција, а дека исто така ги уважуваат сите исламски земји.
„Традицијата и кулутрата на различните исламски земји се блиски на српскиот народ и преку Движењето на неврзаните земји. Затоа и сега, како суверена и независна земја, сакаме да ја разбудиме соработката со Муслиманската светска лига и Организацијата на исламски земји“, изјави Вучиќ.
Генералниот секретар Ел Иса изјави дека со голема радост ја посетува Србија, во која дошол пријателски и со љубов, а ќе замине облагороден со српските вредности. Тој нагласи колку го цени трудот на претседателот Вучиќ за зачувување на хармонијата, не само во Србија туку и во светот.
Вучиќ и генералниот секретар Ел Иса се договорија оваа година конференцијата на „Рабита“, посветена на врските меѓу православието и исламот, како и на други религии, да биде одржана во Белград, а на која би дошле претставниците од различни верски заедници од целиот свет, со што Србија би била претставена како земја отворена за сите вери и народи.