Zülfiya Yakup
20 Јануари 2018•Ажурирај: 20 Јануари 2018
СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (АА) - Претседателот на Србија Александар Вучиќ ја започна еднодневната посета на Косово за да разговара со косовските Срби, откако во вторник во атентатот во Северна Митровица е убиен Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива Слобода, демократија, правда, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Србија Александар Вучиќ го дочекаа преку илјада жители од северот на Косово во манастирот Бањска, првата станица од неговата денешна посета на Косово. Во делегацијата со Вучиќ е и шефот за канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ. Нивен домаќин беше владиката рашко-признренски Теодосије, со кој најпрвин го посетија манастирот, со реновирани средства на Владата на Србија а потоа кратко им се обратија на медиумите.
Во изјавата на медиумите српскиот претседател имаше три пораки за косовските Срби. Вучиќ порача дека Србите мораат да останат и опстанат на своите огништа на просторите на Косово, каде живееле со векови, а дека државата Србија ќе им помага како што им помагала и до сега. Како второ, рече дека дошол со жителите да разговара за безбедноста по злосторничкото убиство на Оливер Ивановиќ, како и дека Србија ќе разменува информации со косовските институции за истагата во врска со тој случај.
„Сакаме да разговараме за безбедноста на Србите како и за тоа кои органи се тука да ја гарантираат таа безбедност, да видиме на кој начин ќе ја спроведат истрагата. Ние ќе разменуваме информации, иако баравме да учествуваме во истрагата, но ќе почекаме, не приказни за новинари, туку конечни резултати од истрагата и да видиме дали таа ќе донесе до откривање на злосторството во Митровица или не", изјави Вучиќ, додавајќи дека „доколку тоа не се случи, многу работи ќе бидат појасни".
Во своето обраќање претседателот на Србија, Вучиќ, имаше порака и за Албанците.
„Дојдов да им порачам на Албанците, без оглед на тоа што неретко, Србите ги доживуваат, не сакам да кажам како непријатели, туку како противници, дека неретко имаме различни интереси но дека Србија не дека само сака мир, туку дека Србија ќе даде се од себе тој мир да го сочуваме, дека ќе направиме се повеќедецениските и повеќевековните несогласувања да ги решиме и да обезбедиме трајност на мирот и сигурност за секое српско и албанско семејство на Косово" рече Вучиќ.
Владика Теодосије изјави дека посетата на претседателот Вучиќ во Косово е важна за сите Срби кои живеат во тешки услови на Косово и кои знаат дека не можат да опстанат без државата Србија.
„Потребно е да имаме и храброст и сила и трпение да опстанеме на овие простори, но со помош на нашата држава", рече Теодосије.
По манастирот Бањска пртседателот на Србија Александар Вучиќ се упати во северниот дел на Митровица, каде ќе положи цвеќе на местото каде во вторник е убиен лидерот на граѓанаската иницијатива СДП Оливер Ивановиќ.
Потоа, на Техничкиот факултет во Северна Митровица ќе разговара со политичките лидери на Србите во Косово. Кон крајот на денот, Вучиќ во Лапље село ќе има отворен разговор со жителите од централно Косово.
Вучиќ во Косово престојува со дозвола на косовските институции, кои позитивно одговорија на барањето упатено од Претседателството на Србија.
Посетата на Вучиќ се смета за високо ризична од безбедносен аспект и Полицијата на Косово ги презеде сите неопходни безбедносни мерки со цел зачувување на јавниот ред и мир, како што тоа го налагаат правилата за официјални посети на делегации или различни личности.
Потсетуваме, Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда" беше убиен во вторник, на 16 јануари, пред седиштето на неговата партија во Северна Митровица.