Furkan Abdula
19 Мај 2017•Ажурирај: 20 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес, на централниот градски плоштад во Скопје се одржа традиционалната манифестација „Матурска парада 2017“, на која учествуваа околу 1.000 матуранти од средните училишта во Скопје, како и матуранти од повеќе градови од земјата, меѓу кои од Струга, Охрид, Струмица и од Гевгелија, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа традиционална манифестација под покровителство на Град Скопје и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во Македонија, Самуел Жбогар, голем број претставници од средните училишта, професори, родители, како и голем број матуранти.
Програмата започна со обраќањето на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој упати честитки до матурантите. „Овој миг на среќа вечно нека ве следи, чува и бодри низ искушенијата коишто ќе ги имате во иднината“, рече Трајановски.
Откако беше прочитана пораката за ненасилство, преку Македонското радио – Радио Скопје беше преземен сигналот од Радио Словенија, од каде што се емитуваше Штраусовата опера „Лилјакот“, на која матурантите го изведоа својот танц квадрил.
По завршувањето на танцот, амбасадорот на ЕУ, Жбогар, им честиташе на матурантите за нивниот успех во образованието, и истакна: „Вие сте иднината на Европа. Уживајте и славете го овој момент и оваа енергија нека ве следи во натамошното патување, барајте го невозможното и постигнете го недостижното“.
Потоа следеше забавна програма со дел од учесниците во мјузиклот „Тајно моја“. Матурантите танцуваа и салса на нумерата „Shape of you“.
Инаку, парадата на матурантите за првпат се одржа во 2001 година во Љубљана, а за првпат во Македонија беше организирана во 2007 година, во Скопје и во Охрид, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје.