Admir Fazlagic
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје Д-р Семир Османагиќ, босанско-херцеговски истражувач,одржа предавање насловено „Мистериите на пирамидите", јавува Anadolu Agency (AA).
За време на предавањето Османагиќ ги претстави новите откритија во врска со истражувањата и енергетските мерења направени на врвот на пирамидите и во подземниот лавиринт на тунели.
Пред почетокот на своето предавање, за кое имаше голем интерес од страна на граѓаните, Османагиќ во изјава за медиумите рече дека во Македонија не доаѓа првпат и дека се работи за прекрасна земја која изобилува со природни богаства.
Според истражувачот Османагиќ, пирамидите се присутни на сите континенти во светот и многу независни истражувачи го имаат докажано тоа користејќи ги најновите сателитски, георадарски и геотермални инструменти и методи.
Османагиќ истакна дека босанските пирамиди во Високо, општина во централна Босна и Херцеговина, се состојат од пет пирамиди: Пирамидите на Сонцето, Месечината, Змејот, Земјата и Љубовта и имаат огромна мрежа на праисториски подземни тунели. Истражувачот Османагиќ нагласи дека босанските пирамиди се првите пирамиди во Европа. Според неговите зборови, тие се најголеми во светот.
Тој рече дека за разлика од тврдењата на египтолозите и археолозите дека пирамидите се правени како гробници, или заради жртвување за непријатели, пирамидите, како што вели тој, се огромни енергетски машини кои се подигнувани над подземни енергетски извори.
„Ние докажуваме дека босанските пирамиди се најголемите и најстарите енергетски машини на светот", рече Османагиќ додавајќи дека босанската пирамида е висока 120 метри.
Посочи дека сè уште не е познато кој точно ги правел овие пирамиди, но дошле до сознанија кога се правени.
„Сè уште ги немаме сите елементи кој точно ги правел, но знаеме кога се правени. Според радио-каргонски датирања, староста на пирамидите во Босна изнесува 29 илјади и 200 години", истакна Османагиќ.
Меѓу другото, говорејќи за новите откритија во врска со пирамидите тој рече дека тие имаат благотворна енергија.
„Енергијата на пирамидите е најблаготворен и најбрз начин на лекување отколку лековите и нема спротивни ефекти. Енергијата на пирадмидите може да се користи за заштита на нашето здравје, унапредување на водата, храната, сè она што го сочинува нашиот живот енергијата на пирамидите може да го унапреди", истакна Османагиќ.
Исто така, Османагиќ вели дека е можно во Македонија да постојат пирамиди, но сепак, тоа бара систематско изучување на кое треба многу да се работи.
Инаку, истражувачот Семир Османагиќ ги има истражувано пирамидите во Перу, Хондурас, Мексико, Салвадор, Боливија, Кина, Маурициус, Гватемала и многу други земји во светот.
Во 2005 година ги открива босанските пирамиди во Високо, поради што е примен во Руската Академија на Природни науки како најмлад член на таа институција, во која се наоѓаат и неколку десетина истакнати добитници на Нобеловата награда. Османагиќ патува низ целиот свет и предава за босанските пирамиди.