Elena Trenchevska Chekovikj
10 Април 2025•Ажурирај: 11 Април 2025
Денес во Скопје се одржа протестен марш на Иницијативата „Кој е следен?“, на кој беше повикано на будење и менување на системот во земјата, по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 61 лице, јавува Анадолу.
Под мотото „Системот заборава, ние не!“ граѓаните движејќи се од Владата на Северна Македонија кон Судскиот совет, Собранието и Кривичниот суд извикуваа слогани „Доста беше смрт“, барајќи правда за сите трагедии што се случија изминатиов период во земјата, движејќи се со транспарентот „Системот е следен“.
Активистката Анастасија Митревска рече дека нивната иницијатива има за цел да го промени системот.
„Денес сме на улица да се избориме против системот кој нѐ тера да ги заборавиме сите трагедии. Протестираме и против сите барања кои се изнесени во јавноста за кои се запознаени властите, но прашањето е повеќе за тоа кои сме ние, а не за нашите барања“, рече Митревска.
Пред неколку дена Иницијативата „Кој е следен?“ официјално го достави своето прво барање до Владата, создавање систем „е-инспекторат“, преку кој би биле достапни сите инспекции што се вршат во земјата, со цел да се информираат граѓаните дали одреден објект е подложен на контрола и дали е безбеден.
На 16 март околу 3:00 часот во дискотеката „Пулс“ во градот Кочани избувна пожар предизвикан од пиротехника за време на концерт на музичка група.
Во пожарот првично загинаа 59 лица, а над 170 беа повредени. Десетици повредени се префрлени на лекување во странство, вклучително и во Туркије.
Изминатата недела на повредите им подлегнаа уште две повредени лица кои беа на лекување во Литванија, со што бројот на жртви се искачи на 61.
По инцидентот е утврдено дека објектот не поседувал валидна лиценца за работа, поради што отворена е истражна постапка против десетици лица, меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.