Husamedin Gina
04 Ноември 2020•Ажурирај: 05 Ноември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопската чаршија денеска е промовиран потпроектот „Чаршиски туризам во општина Чаир“ – дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, која ќе придонесе во социоекономскиот развој и зголемување на туризмот во чаршијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На промоцијата свое обраќање имаа заменикот на претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши, шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.
Истакнувајќи дека сите оние што се од овој град емотивно се врзани со Старата скопска чаршија, заменикот на претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, рече дека чаршијата е уникатно место кое дава посебен шарм на Скопје и е категоризирана како туристичко место од врвна категорија.
„Сите ние знаеме дека Старата скопска чаршија е атрактивно и несекојдневно место, а со денешниот настан сакаме дополнително да придонесеме на промоцијата на чаршијата и уште еднаш, овој пат во ново руво да ја претставиме на сите наши граѓани, на граѓаните од соседните земји и на сите туристи“, рече Битиќи.
Битиќи, наведувајќи дека чаршијата има голем стопански и културен потенцијал, рече дека ако сакаме таа да биде место каде што се разменуваат идеи и стоки, тогаш сме должни да создадеме услови и да го заштитиме културното богатство што го поседува.
„Ние како Министерство за економија, во континуитет работиме за да помагаме на ваквите сериозни проекти како што е „Чаршиски туризам во општина Чаир““, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
„Изминатата година во тесна соработка со општина Чаир, од страна на Министерството за економија дополнително се дадени средства за унифицирање на витрините во состав на Старата скопска чаршија“, додаде Бектеши.
Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Дејвид Гир, во своето обраќање рече дека чаршијата веќе со векови е место создадено за трговија и интеракција помеѓу културите и народите.
„Чаршијата не е само една од најважните историска локации во Северна Македонија, туку и исто така, една од најдобро зачуваните османлиски стари чаршии во целиот регион. Чаршијата, исто така, претставува живо сведоштво за долгите традиции на мултикултурализам, соживот, како и разновидност“, нагласи амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.
Во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, како што рече амбасадорот Дејвид Гир, Европската Унија става на располагање 18 милиони евра коишто се на располагање на разни здруженија и на микро и мали претпријатија кои го поддржуваат секторот туризам.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, наведе дека проектот ќе придонесе во социоекономскиот развој и зголемување на туризмот во чаршијата.
Проектот предвидува санација на калдрмата на еден дел од главната улица „Битпазарска“ (околу 1.200 метри квадратни), како и конзервација, реставрација и санација на околу 39 дуќани кои го нарушуваат автентичниот лик на Старата скопска чаршија.