Husamedin Gina
25 Јули 2020•Ажурирај: 26 Јули 2020
СКОПЈЕ (АА) - По повод 57 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Музејот на град Скопје, во Градскиот парк во Скопје ја отвори изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На изложбата, чиј автор е Зоја Богдановска, кустос советник историчар, изложени се текстови, фотографии, карти и мапи преку кои акцент се става на клучните мигови по несреќата, на првата помош пристигната од тогашните југословенски републики и од светот за населението на Скопје. Содржината на изложбата нуди и повеќе информации за она што било Скопје пред земјотресот, и за Скопје во времето на хуманитарната и солидарна помош од светот.
Изложбата ја отвори градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
Шилегов во своето обраќање потсети дека преку гласот на новинарот Јован Поповски, во светот била испратена првата вест за скопскиот земјотрес, вест која набргу станува главна тема во сите тогашни светски медиуми.
„Уште првите денови светската солидарност се покажува на дело. Од сите страни на светот пристигнуваат донации од медицински средства, крв, храна, вода, како и војници и машинерија за расчистување на урнатините“, рече Шилегов.
Наведувајќи дека се ретки се градовите во светот кои доживуваат вакви катастрофи како што има доживеано Скопје во 1963 година, градоначалникот Шилегов истакна дека уште поретки се градовите коишто собрале толку многу земји, толку многу луѓе за нивна реизградба, односно обнова.
Шилегов посочи дека ќе се продолжи со градењето на сегашно Скопје и дека ќе има многу повеќе јавни површини, паркови, мостови, булевари.
На 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, Скопје беше погодено од силен земјотрес во кој животот го загубија над 1.070 лица, додека над 3.000 беа повредени.
Земјотресот уништи 15.800 станови, при што над 200.000 лица останаа без покрив над главата.