Furkan Abdula
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Во главниот град Скопје одбележан е христијанскиот празник Водици, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод празникот, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје се одржа литургија.
По одржаната литургија, поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан, во водите на реката Вардар, од мостот „Слобода“ во центарот на Скопје, го фрли крстот.
Оваа година околу 100 учесници влегоа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот.
Кристијан Нинески од Скопје успеа да го фати крстот кој беше фрлен во водите на реката Вардар. Нинески во изјава за медиумите рече дека по третпат го фаќа крстот.
Традиционално, на овогодишната церемонија присуствуваа илјадници граѓани, меѓу кои и функционери.
Овој христијански празник се одбележа со литургии во црквите во градовите низ земјата.
Според христијанското верување, се смета дека на овој ден сите води се крстени, и дека оној што ќе го најде крстот, ќе го следат среќа и бериќет во текот на целата година. Водици е ден во кој, според христијанското учење, Св. Јован Крстител го крстил Исус во реката Јордан.
Со овој празник завршува циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божиќ, Василица и други празници.