Admir Fazlagic
03 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје опозициската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ одржа протестен марш на кој присуствуваа илјадници граѓани во знак на револт поради одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на лицата кои учествуваа во настаните од 27 април оваа година во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот започна пред Министерството за правда на Република Македонија од каде собраните граѓани извикуваа слогани „Слобода за патриотите", „Правда мора да има" и „Македонија", барајќи правда за лицата кои Основното јавно обвинителство (ОЈО) ги гони за настаните од 27 април оваа година.
Од Министерството за правда протестниот марш продолжи пред Владата на Република Македонија каде се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој во својот говор рече дека е потребна амнестија за учесниците во настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија и почеток на период за национално помирување.
„Потребно е национално помирување, потребно е да запрат политичките прогони, потребно е да запрат неправдите во Македонија. Макеоднија мораа да оди напред. На Македонија и требааат реформи, влез во НАТО и ЕУ, инвестиции, работни места и пред сѐ правда", рече Груевски.
Собраните граѓани порачаа дека ќе протестираат и утре и во наредните денови сѐ додека, како што велат, не биде задоволена правдата.
Протестите се одржуваат веќе петти ден по ред, откако Кривичниот суд минатата недела донесе одлука со која се изречени 13 мерки притвор од по 30 дена и 6 мерки куќен притвор за лицата кои Основното јавно обвинителство на Република Македонија (ОЈО) ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“, во врска со настаните во Собранието на 27 април годинава.
Потоа, Собранието на Република Македонија го одобри укинувањето на имунитетот на шест пратеници на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ кои се гонат за настаните од 27 април.
Мерката притвор од 30 дена за пратениците во Собранието на Македонија беше поднесена на 28. ноември оваа година, од страна на Основниот суд Скопје - Одделение за организиран криминал и корупција.
Потсетуваме, на 27. април оваа година, демонстантите предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија" насилно влегоа во Собранието на Република Македонија по изборот на Талат Џафери за претседател на Собрание, при што беа повредени околу стотина лица, меѓу кои пратеници, полицајци и претставници на медиумите.