Zylfije Adem Jakupi
07 Јули 2023•Ажурирај: 09 Јули 2023
ПРИШТИНА (АА) - Владите на Косово и Албанија вчера потпишаа 13 договори, меморандуми за соработка и декларации, без заеднички состанок меѓу двете влади, пренесува Анадолу.
Владата на Косово соопшти дека по потпишувањето на министрите на Владата на Албанија, следувал и потписот на министрите на Владата на Косово, за стапување во сила на договорите што ќе бидат од корист за граѓаните на двете држави.
„Во изминатите две години се одржаа две средби на владите на кои се потпишани 41 владин, меѓуресорски и меѓуинституционален договор. Овој пат, и без состанок на двете влади, потпишани се 13 договори што опфаќаат соработка во различни области, од безбедност и правда до образование и култура“, се наведува во соопштението.
Истакнато е дека е потпишан договор за меѓусебно признавање на адвокатската професија и посредниците, со цел да се создаде слободен простор за интеракција на луѓето, идеите, капиталот и другите заеднички простори, како и да се обезбеди подобра перспектива за граѓаните на двете земји.
„Со цел развој на соработката во областа на земјоделството, промоција на трговијата и олеснување на постапките на контрола, склучен е договор за олеснување на постапките за контрола на производите од неживотинско потекло. Во рамките на соработката, размената на информации, искуствата и технологиите е и договорот за соработка во областа на инспекцијата, каде што е предвидена донација на порталот е-инспекција на Косово од страна на Советот на министри на Република Албанија“, се истакнува во соопштението.
Покрај тоа, министрите за внатрешни работи на двете земји потпишаа заедничка декларација за намери, во која заеднички се обврзуваат на интензивирање на соработката во областа на безбедноста, главно со фокус на олеснувањето на прекуграничниот сообраќај и унапредувањето на размената на информации преку системите за управување со безбедноста на границите, унапредувањето на заедничкиот центар за интегрирано управување со границата, како и унапредувањето на соработката во спречувањето и борбата против криминалот.
„Договорите, заедно со оние што се потпишани на двата состанока на владите во последните две години, ги приближуваат нашите земји и граѓани едни до други и го повторуваат јакнењето на соработката меѓу Република Косово и Република Албанија. Владата на Република Косово ги поздравува идните заеднички состаноци, кои би требало да се одржат меѓу нашите земји, заради плодни дискусии и промовирање на добрите дела и соработката“, наведуваат од Владата на Косово.
Билатералните договори се потпишани во Тирана во пресрет на доаѓањето на премиерот Рама во посета на Косово поради состанокот меѓу Рама и косовскиот премиер Албин Курти, но до средба сепак не дојде.
Рама одделно се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца. По тој состанок Коњуфца изјави дека Косово било повредено по откажувањето на состанокот меѓу двете влади од страна на Рама во средината на јуни, но не толку за да не да се сретнат. Албанскиот премиер го откажа состанокот на владите поради ситуацијата на северот на Косово.