Dzihat Aliju
21 Јули 2026•Ажурирано: 21 Јули 2026
Владата на Северна Македонија донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во рок од 30 дена, поради состојбата настаната со загадувањето на водата во оваа општина, пренесува Анадолу.
Владата денес ја одржа 195. седница, на која е одлучено да се прогласи 30-дневна кризна состојба во Гостивар.
„Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настанатата состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување кризна состојба, со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок“, се вели од Владата.
„Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме на целосно решавање на овој проблем“, се додава оттаму.
Владата, исто така, очекува од Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, додавајќи дека „одговорност мора да има за секој еден што ги ставил во ризик здравјето и животите на гостиварци“.
Откако околу 1.200 граѓани побарале лекарска помош поради стомачни проблеми, водата од градскиот водовод во Гостивар минатата недела беше забранета за пиење.
Надлежните органи прогласија локална епидемија во Гостивар за надминување на состојбата со водоснабдувањето.
Министерството за здравство соопшти дека во здравствените установи во Гостивар досега се регистрирани повеќе од 3.200 случаи од загадувањето на водата.
Владата вчера објави дека се обезбедува по 50.000 литри вода за пиење дневно за населението.
Од друга страна, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар отвори истражна постапка и поднесе предлог за 30-дневен притвор за директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар и двајца раководители во претпријатието.
Според ОЈО Гостивар, тие се сомничат дека преку нелегално поставување пумпи во преливната комора во село Вруток, предизвикале загадување на водата за пиење со која се снабдува Гостивар.