Elena Trenchevska Chekovic
21 Јули 2026•Ажурирано: 21 Јули 2026
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Индија, Дропади Мурму, во Скопје разговараа за можностите за унапредување на политичката, економската и институционалната соработка меѓу двете земји, во рамките на првата посета на индиски претседател на Северна Македонија, јавува Анадолу.
На средбата двете соговорнички ја потврдија заложбата за подигнување на билатералните односи на повисоко ниво, со посебен акцент на зголемувањето на економската размена, отворање нови можности за инвестиции и зајакнување на контактите меѓу институциите.
„Дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека политичкиот дијалог меѓу Скопје и Њу Делхи е во подем и дека соработката треба дополнително да се прошири во економијата, науката, образованието, технологијата и културата.
Сиљановска-Давкова оцени дека Индија е една од највпечатливите економски приказни на 21 век, особено во областите на иновациите, дигиталните технологии и претприемаштвото, додавајќи дека Северна Македонија има потенцијал да биде влезна точка за индиските компании кон европските пазари.
„Да споменам само неколку предности. Сместена на крстопатот на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкурентна деловна клима, добро квалификувана работна сила и преференцијален пристап до европските пазари, ние сме привлечна влезна точка за индиските компании што сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Ние не сме само географска раскрсница, туку и раскрсница на идеи, иновации, инвестиции и можности“, посочи Сиљановска-Давкова.
Како приоритетни области за развој на соработката ги посочи автомобилската индустрија, фармацевтскиот сектор, информатичките технологии, обновливите извори на енергија, земјоделството, логистиката и напредното производство.
„Со претседателката Мурму го споделив моето уверување дека треба да си поставиме заедничка, поамбициозна, но остварлива цел – во следните пет години билатералната трговска размена да достигне најмалку 500 милиони долари“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека голем неискористен потенцијал постои и во културата, образованието, научните истражувања и младинските размени, кои придонесуваат за поблиско поврзување меѓу народите.
Двете претседателки разговараа и за туристичката соработка, како и за можноста Северна Македонија да се вклучи во неколку глобални иницијативи предводени од Индија, меѓу кои Меѓународната соларна алијанса, Глобалната алијанса за биогорива и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи.
- Претседателката на Индија: Посетата отвора ново поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Индија -
Претседателката на Индија, од своја страна, изјави дека нејзината официјална посета на земјата ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе придонесе за унапредување на партнерството меѓу двете земји.
На заедничката прес-конференција со Сиљановска-Давкова, Мурму рече дека на средбите биле потврдени пријателските односи, заедничките вредности и заемната почит меѓу Северна Македонија и Индија.
„Се согласивме билатералната трговија да ја прошириме двојно од сегашниот обем. Разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително ИТ, земјоделството, обработката на храна, фармацијата, туризмот, угостителството и аудиовизуелните уметности“, рече таа.
Мурму нагласи дека ќе се интензивира и културната соработка, како и партнерството во рамките на меѓународните иницијативи, вклучително и Меѓународната соларна алијанса.
Таа најави и можности за обуки во областа на вештачката интелигенција, а во рамките на посетата, заедно со Сиљановска-Давкова, ќе открие биста на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје.
Индиската претседателка престојува во дводневна официјална посета на земјата, при што ќе оствари средби со државниот врв и ќе учествува на македонско-индиски бизнис-форум.
Исто така, таа ќе оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а ќе има обраќање пред пратениците во Собранието.
На вториот ден од посетата е предвидена и посета на Охрид.