Zülfiya Yakup
29 Март 2017•Ажурирај: 29 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Вашингтон е загрижен во врска со процесот на трансформација на Безбедносните сили на Косово (БСК) во војска, преку законски, а не уставни промени, им порачаа денес на челниците на БСК, заменикот помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ји во рамките на дводневната посета на Косово се состана со министерот на Безбедносните сили на Косово, Хаки Демоли, и со командантот на Безбедносните сили на Косово (БСК), генерал-полковник Рахман Рама. Тој беше придружен од военото аташе на САД во Приштина, полковник Џефри Х. Фишер и од воениот советник Џошу Рубин.
Министерот Демоли му ги пренесе на американскиот гостин информациите во врска со процесот за планирање на трансформирањето на БСК, како и за напредокот во изработката на нацрт-законот за проширување на мисијата на БСК, додека Хојт Ји му ја пренесе пораката дека официјален Вашингтон е загрижен во врска со процесот на трансформација на БСК во војска по пат на законски измени, се соопштува од МБСК.
Министерот Хаки Демоли, во име на Министерството на БСК, му се заблагодари на заменик помошникот на државниот секретар на САД за помошта што неговата држава им ја дава на БСК и високо ја оцени соработката на двете земји, особено партнерството и соработката со Националната гарда на американската држава Ајова. Демоли го информираше Ји и за регионалната и меѓународната соработка на припадниците на БСК во многубројните вежби, како и за успесите постигнати на меѓународните натпревари.