İhvan Radoykov
01 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Февруари 2020
СОФИЈА
Денес во Бугарија беше одржана комеморација во спомен на жртвите од комунистичкиот режим, кој со пуч дојде на власт во оваа земја во 1944 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред споменикот на „Жртвите на комунизмот“ во Софија, главниот град на Бугарија, денес со церемонија на која учествуваа преживеаните и семејствата на починатите, беше поставен венец пред ѕидот на кој се испишани имињата на убиените.
На церемонијата учествуваше претседателката на Парламентот, Цвета Карајанчева, која во своето обраќање изјави: „Никогаш не треба да се заборави денот кога беше убиена елитата на нашиот народ. Нашите деца треба да ги знаат овие крвави страници од историјата што ги испиша угнетувачкиот комунистички режим. Добро е што од оваа година учениците во средните училишта во учебниците за историја ќе учат за бруталноста на комунизмот. Никогаш нема да бидат заборавени убиствата сторени пред 75 години, тие никогаш не треба да се повторат.“
Премиерот Бојко Борисов се обрати преку својот профил на социјалната мрежа Твитер. Велејќи дека е потребно да се знаат историските вистини за тоталитарниот режим, тој наведе: „Демократијата и мирот се најголеми вредности на денешнината. Денес нашиот народ живее во мир и спокој, но сепак ние мораме да ги научиме неопходните лекции за злото на режимите каков што беше тој.“
- Народен суд
Со поддршка на Црвената армија на поранешниот Советски Сојуз, во 1944 година во Бугарија е спроведен пуч по кој на власт дојде Комунистичката партија на Бугарија. Новоформираната власт во 1945 година го формираше „Народниот суд“ и подигнувајќи судски процеси против своите противници се обиде да ги уништи.
Судот на 1 февруари 1945 ја донесе првата одлука со која на смртна казна се осудени 22 министри, 67 пратеници, 47 генерали и 11 членови на кралското семејство. Осудените лица се егзекутирани истиот ден.
Стреланите противници беа закопани во заедничка гробница. Потоа овој суд во период од приближно 1 година спроведе 135 судски случаи во кои од политичката, економската, културната, уметничката и воената елита беа егзекутирани 2.730 лица, 305 лица беа осудени на доживотна казна затвор, а 12.000 лица беа прогонети.
Бугарија во 2011 година донесе одлука со која 1 февруари е прогласен за „Ден на сеќавање на жртвите од комунизмот и тоталитарниот режим“.
Продолжение на Бугарската комунистичка партија денес е Социјалистичката партија на Бугарија, која е најголемата опозициска партија во земјата. Претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој потекнува од оваа партија, не учествува на церемониите што се организирааат по повод 1 февруари.