Senita Şeherçehayiç
01 Септември 2018•Ажурирај: 02 Септември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, разговараше денес со европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, за европските интеграции на Србија, дијалогот помеѓу Белград и Приштина и за владеење на правото, јавува Anadolu Agency (AA).
Комесарот Хан, по состанокот, на својот профил на Твитер навeде дека разговорот со Брнабиќ во Белград бил добар, како и дека, меѓу останатото, разговарале за заштитните мерки за челик во ЕУ.
Хан во својата објава на Твитер ја поздрави работата на мешаната работна група за медиумска стратегија.
Како што се наведува во соопштението на Владата на Србија, премиерката и комесарот разговарале за неопходноста да се сочува регионалната стабилност, како и за тоа дека соседите билатералните прашања мора да ги решаваат со дијалог, но и дека е потребно да се унапреди економската соработка како основа за напредок на сите земји во регионот.
Во соопштението на Владата на Србија се наведува дека комесарот Хан, кога станува збор за преговорите со Приштина, рекол дека секој договор мора да донесе мир и стабилност на Западен Балкан, и дека премиерката Брнабиќ изразила подготвеност на Белград за продолжување на дијалогот, но и дека ја нагласила неопходноста за формирање Заедница на српските општини.
Како што се наведува, Брнабиќ и Хан разговарале и за отворање на Жежељевиот мост во Нови Сад, во чија изградба ЕУ вложи повеќе од 30 милиони евра. Брнабиќ му се заблагодари на Хан за помошта и додаде дека Министерството за европски интеграции извршило истражување, според кое 55 отсто од граѓаните на Србија го поддржуваат членството на Србија во ЕУ.