Andelija Stojkovic
25 Септември 2023•Ажурирај: 25 Септември 2023
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа потврди дека Србите од северот на Косово се судриле со косовската полиција во Бањска, Косово, и ги повика меѓународната заедница да се формира Заедница на српски општини, а Србите на мир и воздржаност, јавува Анадолу.
„Срби од Косово и Метохија поставиле два камиона како барикади во Бањска, на северот на Косово и Метохија, потоа пристигнала косовската полиција која се обидела да ги отстрани тие барикади, тука дошло до судир со Србите кои ги поставиле тие барикади, а во тој судир е убиен полицаец и рането е уште едно лице“, рече Вучиќ на прес-конференцијата.
Тој додаде дека загинале тројца Срби и дека постои опасност да почине уште еден.
„Тројца Срби од Косово настрадаа. Според тоа, двајца од снајперски оган, од голема далечина, кога не било неопходно да бидат ликвидирани, двајца се ранети, а постои стравување дека загинало и четврто лице“, изјави Вучиќ.
Тој укажа на тоа дека административните премини Јариње и Брњак се отвориле, а по повеќе од еден час од нивното отворање косовските власти соопштиле дека четири српски општини на северот на Косово се зона на антитерористичка акција.
Како што рече, во акцијата учествувале 460 припадници на косовската полиција, а КФОР го затворил излезот.
Вучиќ истакна дека ѝ се обратил на јавноста дури синоќа бидејќи „Србија од 1999 година нема ефективна контрола“ во Косово и „требаше долго време за да се истражи што се случи денес и одлуките да се донесуваат внимателно, детално и темелно и во наредните денови да се излезе со нив пред граѓаните“.
Тој оцени дека ова е еден од најтешките денови за српскиот народ и за Србија од 2004 година кога над Србите на Косово бил извршен прогон и 2008 година кога Косово прогласи независност.
Вучиќ истакна дека во Њујорк и во Брисел повеќепати предупредувал дека може да дојде до оваа ситуација, но дека никој не сакал да слуша за тоа.
„Србите, луѓето од Косово се побунија, не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека на никој начин не сака да го оправда убиството на косовскиот полицаец, дека тоа никому не му било потребно, а најмалку на српскиот народ.
Претседателот на Србија на крајот изрази сочувство до семејството на загинатиот полицаец и до семејствата на загинатите Срби.
Вучиќ ја повика меѓународната заедница да се формира Заедницата на српски општини (ЗСО) и на северот на Косово полицајците да бидат Срби, за што услов е формирањето на ЗСО.
„Ние го повикуваме нашиот народ на мир и воздржаност, го молиме за тоа и го молиме да ѝ верува на својата држава. Наше е да исцрпиме сѐ што можеме да не дојде до поголемо крвопролевање, да се обидеме да го зачуваме мирот“, нагласи Вучиќ.
Претседателот на Србија во своето обраќање до јавноста рече дека е чудно што вооружената група била целосно опколена за само еден час и 20 минути и дека тоа „очигледно е направено со меѓународни сили“, како и дека „Србија од почетокот се прашува зошто КФОР не дејствувал, туку акцијата ѝ ја препуштил на косовската полиција“.
Истакна дека вооружената група Срби дошла до манастирот Бањска бидејќи имало повредени две млади момчиња и дека сакале да им помогнат.
Вучиќ истакна дека Црквата не била вмешана во инцидентот и дека војската и полицијата на Србија немаат врска со тој судир.
„Единствен виновник за ова што се случува на Косово е Албин Курти“, рече Вучиќ и додаде дека со спинови се прават обиди да се обвини Србија за судирот во Бањска.
Прашан за реакцијата на Западот, Вучиќ рече дека „лицемерието е нивното средно име“, дека бараат причина да го притиснат Белград да ја признае независноста на Косово, но дека Србија никогаш нема да го стори тоа.
„Може да направите што сакате, ние никогаш нема да ви го признаеме независно Косово. Србија никогаш нема да го признае независно Косово, монструозната креација што ја направивте со бомбардирањето на Србија и со сите можни лаги. А дали сме подготвени да разговараме, ќе разговараме секогаш“, порача Вучиќ.