Agim Sulaj
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Кабинетот на премиерот на Албанија информираше дека на состанокот на т.н. иницијатива „мини-Шенген“, испратена е покана до претседателот на Косово, Хашим Тачи, да ја претставува својата земја затоа што во оваа земја „сè уште не е формирана новата Влада“, пренесува Anadolu Agency ( AA).
Соопштението следи по коментарите на вршителот на должноста премиер на Косово, Рамуш Харадинај, кој претходно изјави дека Косово не била поканета од Албанија да присуствува на состанокот.
„Врз основа на изјавата дадена од премиерот на Косово во оставка, објаснуваме дека со оглед на форматот на регионалните состаноци, како и на фактот дека во Косово сè уште не е формирана новата Влада, Косово е покането на највисоко ниво, исто како и на средбата во Охрид, преку поканата испратена до претседателот на Република Косово, Хашим Тачи“, се вели во соопштението од Кабинетот на премиерот на Албанија.
Следната средба на која ќе се разговара за идејата за т.н. иницијатива „мини-Шенген“ на балканските земји е предвидена да се одржи во сабота, 21 декември, во Драч. Претходно, се одржаа две средби за оваа иницијатива, во Нови Сад и во Охрид.
На првата средба во Нови Сад учествуваа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ. На вториот состанок во Охрид, на тројцата лидери им се приклучија и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.
По средбата во Охрид, Владата на Северна Македонија информираше дека основата на заедничката декларација донесена од државите во регионот е заедничката соработка и посветеност кон елиминирање на сите пречки за слободното движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот, како придонес за граѓаните на државите од регионот во остварувањето на крајната цел, полноправно членство во Европската Унија (ЕУ).
Србија и Босна и Херцеговина не ја признаваат независноста на Косово. За речиси една година, напнатите политички и економски односи меѓу Косово и Србија предизвикаа престанок на преговорите меѓу Белград и Приштина. Во меѓувреме, неодамнешното негирање на масакрот во Речак од страна на Србија, ги натера политичките партии во Косово да побараат поинаков пристап во односите меѓу Албанија и Србија.