Fatjon Cuka
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
ТИРАНА (АА) - Албанија донесе одлука да ги прекине дипломатските односи со Иран поради „интензивните кибернапади“ извршени во јули оваа година, соопшти денеска Советот на министри на Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Советот на министри одлучи со непосреден акт да ги прекине дипломатските односи со Исламската Република Иран“, се вели во соопштението на Кабинетот.
„Оваа одлука беше соопштена со официјална нота до Амбасадата на Исламската Република Иран, во која беше побарано целиот дипломатски и техничко-административен, како и безбедносен персонал, да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа.“
Премиерот на Албанија, Еди Рама, денес на социјалните мрежи ја потврди одлуката на Владата на Албанија да ги прекине дипломатските односи со Иран.
„Опсежната истрага обезбеди непобитни докази дека киберагресијата врз земјата била оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран“, рече Рама во видео пораката.
Потсети дека Албанија на 15 јули била цел на „тежок кибернапад чија цел беше уништување на дигиталната инфраструктура на Владата на Албанија и парализирање на јавните услуги, како и кражба на податоци и електронски комуникации од владините системи“.
„Нападот не ја постигна својата цел. Во споредба со целите на агресорите, штетата може да се смета за мала. Сите системи се вратени во функција и ништо не е неповратно изгубено“, рече албанскиот премиер.
Потсетуваме, албанскиот премиер во јули изјави дека кибернападите извршени врз интернет страниците на Владата на Албанија не се организирани од обични хакери, туку од една држава.
Албанската Национална агенција за информатичко општество тогаш соопшти дека сите јавни интернет сервиси и владините интернет страници биле затворени по синхронизиран кибернапад надвор од земјата.