Балкан

„Членството на Северна Македонија во НАТО позитивно ќе се одрази на регионалната безбедност“

„Членството во НАТО на Северна Македонија позитивно ќе се одрази на регионалната безбедност и стабилност, со што влијанието на надворешните малигни фактори ќе биде сведено на минимум“, истакнал Пендаровски

Admir Fazlagic  | 03.06.2019 - Обновена : 03.06.2019
„Членството на Северна Македонија во НАТО позитивно ќе се одрази на регионалната безбедност“ (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со Северноатлантскиот совет, пренесува Anadolu Agency (AA).

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, и членовите на Северноатланскиот совет престојуваат во дводневна посета на Северна Македонија, во рамките на која се состанаа со државниот врв на оваа земја.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот Пендаровски, тој во своето обраќање на средбата со Столтенберг и делегацијата изразил задоволство од фактот што Северноатлантскиот совет доаѓа во, како што се наведува, историска посета и многу значаен период за Северна Македонија.

Во соопштението се пренесува обраќањето на претседателот Пендаровски: „Убеден сум дека сите овде присутни ги ценат суштинскиот демократски напредок и спроведените реформи насочени кон возобновување на институционалниот и правен поредок во државата. Не би сакал да ги набројувам сите реформи. Овде само ќе го истакнам потпишувањето на двете клучни спогодби со нашите соседи и пријатели, Грција и Бугарија, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија“.

На средбата, Пендаровски ги истакнал своите заложби за реформите во одбраната согласно стандардите на НАТО.

„Како претседател на Северна Македонија, имајќи ги предвид моите надлежности во безбедноста и разузнавачките служби, ќе инсистирам на нивно темелно реформирање согласно сите највисоки стандарди на НАТО. Ова ќе биде моја постојана лична заложба, а ситуацијата активно ќе ја набљудувам и ќе настојувам напредок во оваа област да имаме час поскоро“, истакнал Пендаровски, стои во соопштението.

Меѓу другото, претседателот на Северна Македонија на средбата упатил благодарност на постојаните претставници на земјите членки кои досега го ратификувале пристапниот Протокол, потенцирајќи дека се задоволни од динамиката на ратификацијата.

„Очекуваме дека и останатите држави ќе ги заокружат внатрешно-правните процедури, а процесот ќе заврши кон крајот на годината“, изјавил Пендаровски.

„Како држава остануваме посветени на придонесот за зачувување на глобалниот мир и стабилност, борбата против меѓународниот тероризам, за што сме подготвени во наредниот период да го зајакнеме нашето учество во мировните операции под водство на НАТО“, рекол Пендаровски.

Како што се вели во соопштението, претседателот на Северна Македонија изразил уверување дека „членството во НАТО на Северна Македонија позитивно ќе се одрази на регионалната безбедност и стабилност, со што влијанието на надворешните малигни фактори ќе биде сведено на минимум“.

Во соопштението од Кабинетот на претседателот на државата се вели и дека Пендаровски упатил благодарност до генералниот секретар на НАТО и до постојаните претставници на земјите членки на НАТО, за постојаната поддршка и помош која НАТО ја пружаше на земјата во сите овие години преку разни форми, како и преку директното присуство во Северна Македонија на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и Северноатлантскиот совет од вчера престојуваат во посета на Северна Македонија. Во рамките на посетата, Столтенберг и делегацијата остварија средби со претставниците на државниот врв.

Во текот на денот, пред Владата на Северна Македонија се одржа официјален пречек со високи државни и воени почести по повод посетата на Столтенберг и делегацијата од НАТО.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.