Abdula Berisha
04 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, се сретна со министрите за надворешни работи на Полска - Јацек Чапутович, Латвија - Едгарс Ринкевич, Литванија - Линас Линкевичиус и заменик-министерот за европски прашања на Естонија, Март Волмер, јавува Агенција Анадолија (AA).
Дипломатите престојуваат во Северна Македонија во својство на претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“, а по средбата одржаа и заедничка прес-конференција.
Министерот Димитров рече дека е ретко задоволство да се оствари средба со претставници на четири земји членки на ЕУ и НАТО, за кои рече дека даваат јасна поддршка за Северна Македонија.
„Земјите се членки, дел од таканаречената група „Пријатели на проширувањето“, и денеска се тука во Северна Македонија да ни дадат поддршка и јасен сигнал. Доаѓаат два дена по објавувањето на ажурираниот, краток, или како што ние го нарекуваме „мини-извештај“ на Комисијата. Европската комисија кажа дека ние испорачавме, и дека не само што ги продолживме, туку и ги зголемивме реформските напори“, рече Димитров.
Полскиот министер Јацек Чапутович рече дека посетата има за цел да покаже силна поддршка на Северна Македонија за нејзините европски аспирации, додавајќи дека членството во ЕУ на земјите од регионот има и етичка димензија.
„Сметаме дека ЕУ им должи на овие земји одлука да ги прими во ЕУ, ова им го должи на општествата на овие земји. Но, тука е геополитичката и безбедносната димензија. Постојат и други актери надвор од ЕУ кои се активни овде во регионот, така што таквата одлука исто така ќе го спречи тоа негативно влијание“, рече Чапутович.
Министерот на Латвија, Едгарс Ринкевич, изрази надеж дека одлуката за започнување на преговорите за членство во ЕУ ќе се донесе овој месец.
„Многу се надеваме дека одлуката ќе биде донесена во март, овој месец. Ние ќе одржиме состанок на Советот за општи работи и мојата земја, Латвија, ќе се залага за почеток на преговорите за членство веднаш“, рече Ринкивич.
Министерот на Литванија, Линас Линкевичиус, рече дека Северна Македонија, и покрај сите пречки, покажала голема трпеливост и мотивација да продолжи со реформите.
„Ние овде не сме само за да ве поддржиме и да покажеме солидарност, туку и затоа што може да се потпрете на нас и во иднина, бидејќи во секој случај ве сметаме за член на евроатлантското семејство долги години и тоа мора да се случи како де факто, така и де јуре“, рече Линкевичиус.
Заменик-министерот за европски прашања на Естонија, Март Волмер, во својата изјава рече дека покрај понудената поддршка, посетата има за цел да ја продолжи соработката меѓу државите, додавајќи дека со членството на Северна Македонија во НАТО и започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, ќе има нови можности за соработка.
Потсетуваме дека како резултат на противењето на Франција, Европскиот совет на својот октомвриски Самит не одлучи да одреди датум за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.