Betül Yürük
28 Септември 2019•Ажурирај: 29 Септември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изрази надеж дека Северна Македонија ќе стане полнопарвна членка на НАТО на претстојниот самит во декември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во Њујорк каде се наоѓа во рамки на 74. Заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), се состана со претставниците на турските медиуми, каде говореше и за членството на Северна Македонија во Алијансата.
Запрашан што ќе содржи агендата на Турција на Самитот на НАТО кој ќе се одржи во декември во Лондон, Чавушоглу одговори:
„На самитите на НАТО, за нас секогаш приоритетно било проширувањето на НАТО. Сега актуелно е членството на Северна Македонија. Ние веќе оваа одлука ја ратификувавме во нашиот Парламент, и го испративме тоа. Парламентите на некои земји не можеа да заседаваат поради изборите во тие земји, и затоа не можеа да го ратификуваат (протоколот). Се надевам дека на тој самит Северна Македонија може да стане полноправна членка“.
Потсетуваме, во јули минатата година, Северна Македонија доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори.
Земјите членки на НАТО во февруари годинава го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. За да стане полноправна земја членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите 29 членки на Алијансата. Прокотлот веќе го ратификувале 21 земји членки на НАТО, а во четири се во процедура, информираше претседателот на Собранието Талат Џафери на почетокот на месец септември.