Балкан

„Република Северна Македонија ги почнува преговорите оваа година“

„Покрај Договорот од Преспа, имавме огромен успех и во постигнувањето на историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, како и суштински консензус за Законот за употребата на јазиците“, истакна Османи.

Admir Fazlagic  | 20.02.2019 - Обновена : 21.02.2019
„Република Северна Македонија ги почнува преговорите оваа година“ (Фото: Секретаријат за европски прашања на Република Северна Македонија)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на дводневната работна посета на Брисел оствари средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, на која беа отворени темите за процесот на проширувањето на Унијата, како и перспективите на Република Северна Македонија пред претстојниот извештај на Комисијата, и јунските состаноци на Советот на ЕУ, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Покрај Договорот од Преспа, имавме огромен успех и во постигнувањето на историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, како и суштински консензус за Законот за употребата на јазиците, со што ги отстранивме сите поголеми внатрешни и надворешни политички прашања“, истакна Османи, посочувајќи ја европската перспектива како основно гориво за овој успех, со што јасно се исцртува моќта на европската идеја за позитивна трансформација на општествата.

„Република Северна Македонија веќе нема отворени политички прашања, и повторно го зазема централното место на Балканот, како главен партнер на ЕУ и НАТО во промоција на демократските и западните вредности во регионот“, рече Османи, пренесувајќи ѝ ги на високата претставничка Могерини високите очекувања во земјава за напредок во европските интеграции оваа година.

„Почетокот на преговорите со Република Северна Македонија оваа година, покрај засилувањето на европскиот моментум во земјава, ќе претставува и јасен сигнал за целиот регион – како позитивен пример и мотивација за затворање на отворените прашања низ дијалог, политичка отвореност и позитивен пристап“, додаде Османи, притоа посочувајќи особено на дијалогот меѓу Приштина и Белград, како еден од најважните политички предизвици во регионот.

За време на работната посета на Брисел, Османи оствари средба и со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, одржа брифинг со претставници на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан/проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), a ќе учествува и на брифинг во влијателниот тинк-тенк Центар за европска политика (ЕРС) на тема „Северна Македонија на патот кон ЕУ: „Хоум ран“ во преговорите за пристапување?“, како и на Конференцијата на тема: „Безбедност во ЈИЕ - безбедност низ Европа“ во организација на Фондацијата „Ханс Зајдел“ (Hanns Seidel Foundation).

По завршувањето на работната посета на Брисел, вицепремиерот Османи ќе отпатува за Виена, каде што ќе учествува на состанокот на министрите задолжени за европски прашања од земјите од Западен Балкан, кој се одржува под покровителство на сојузниот министер за европски прашања на Австрија при Канцеларијата на сојузниот канцелар, Гернот Блумел.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.