Zülfiya Yakup
08 Февруари 2018•Ажурирај: 09 Февруари 2018
ПРИШТИНА (AA) - „Патот до независноста на Косово не беше лесен, а пред Косово и понатаму се големи предизвици“, беше кажано денеска на еднодневната меѓународна конференција на тема „Прослава на десетгодишнината од независноста: Достигнувања и тежнеења", јавува Anadolu Agency (AA).
Обраќајќи им се на присутните, Рејхан Вуниќи, заменик-министер за надворешни работи, изјави дека патот до независноста не беше ниту малку лесен и дека Косово е најмладата земја на Балканот. Таа истакна дека до независноста народот на Косово дошол по распадот на Југославија и по етничкото чистење, насилното иселување на населението и цивилната војна, што резултираше со преку 10.000 убиени луѓе пред НАТО-интервенцијата во 1999 година.
Вуниќи нагласи дека по војната, Косово со поддршка на Обединетите нации, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, разви структура на независна држава и на 17 февруари 2008 година и официјално прогласи независност од Србија.
„Република Косово како независна држава е призната од 115 земји, 112 од 193 земји-членки на ОН, 23 од 28 членки на ЕУ, 25 од 29 земји-членки на НАТО, и 36 од 57 земји-членки на Организацијата на исламска соработка", рече Вуниќи.
Таа додаде дека Косово продолжува да работи за да добие признавање од сите земји во светот, посебно од големите светски сили, како што се Кина и Русија, а постојат и бариери за признавањето од страна на неколку меѓународни организации.
Вуниќи рече дека паралелно со напорите за нови признавања, Косово работи на јакнење на билатералните односи, на јакнење на регионалната соработка, посебно преку мултилатералните иницијативи, и на развој на многу внатрешни области, вклучувајќи го здравството, безбедноста, стопанството, туризмот и друго.
Абдуселами Шкодра, заменик-министер за внатрешни работи на Косово, нагласи дека и 10 години по прогласувањето на независноста на Косово, на северот на земјата има ограничена власт, продолжува застојот во примената на законите, се соочува со недостаток од стручен кадар, невработеност, корупција и организиран криминал, како и други феномени.
„Косово, посебно во изминатите месеци, има сериозни предизвици во зачувувањето на партнерството со сојузниците поради процесите поврзани со Специјалниот суд. Зачувувањето на меѓународното партнерство е од витално значење за државата Косово и во интерес на државата е со овој предизвик да се занимава преку соодветна политика за да се продолжи негувањето на политиката за доверба на граѓаните во институциите на државата Косово", рече Шкодра.
На конферецијата говореше и Бурим Рамадани, заменик на министерот за Безбедносни сили на Косово, кој нагласи дека Косово тежнее во наредната година да ја достигне фазата на дијалог за зачленување во НАТО.
„Не баравме и не бараме да бидеме воено неутрални. Ние сакаме што побрзо зачленување во НАТО и во исто време НАТО да продолжи да биде во Косово. Ние сме во интензивен и исклучително динамичен процес Безбедносните сили на Косово да се трансформираат во вооружени сили на Косово, врз основа на анализата на безбедносниот сектор што е направена во претходните години. Анализата, исто така, се заснова на севкупниот и кооперативен пристап на севкупната цел на уставните и законските промени поради постигнување консолидација на секторот за безбедност и секторот на одбраната", рече Рамадани.