Husameddin Gina
05 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Граѓанското здружение „Македонија – блокира“ проширувајќи ги своите активности од петок во попладневните часови ќе започне со блокади и на раскрсниците во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Претходно, од 1 декември „Македонија – блокира“ започна со 24-часовно блокирање на просторот пред Собранието на Република Македонија.
„Свесни сме дека сообраќајот од петок ќе биде значително отежнат и затоа повикуваме на разбирање, бидејќи ова не го правиме за личен интерес или за партиски интерес или за интерес на некое здружение или воопшто за каков било интерес, туку за одбрана на светото македонско име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ“, изјави Драган Угриновски, претставник на граѓанската организација „Македонија - блокира“.
Угриновски во денешната изјава, исто така, се осврна и на јавните дебати и дијалог за нацрт-амандманите за измена на Уставот, организирани од Владата. Јавната дебата започнува денес и ќе трае 5 дена. Критикувајќи ги јавните дебати, Угриновски рече дека се работи за монолог на учесниците.
Угриновски потсети дека целта на нивните активности е со еден услов, распуштање на Собранието и одржување на превремени парламентарни избори.
Тој, исто така, упати покана до претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, да биде на страната на македонскиот народ.
Уставните измени се дел од Преспанскиот договор, потпишан во јуни оваа година од владите на Македонија и Грција, чија имплементација е услов за членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
По спроведувањето на Преспанскиот договор во Македонија, потребно е тој да биде ратификуван и во грчкиот Парламент.